ВО МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ПАРИ ИМА ЗА ВИСКИ СТАРО 12 ГОДИНИ, А РАБОТНИЦИТЕ НЕ ЗЕЛЕ ПЛАТА 6 МЕСЕЦИ

Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски:

,,Набавките во Македонски Железници на виски старо 12 години, апетисани и чоколадо, покажува само колку забегале,,. Вака од Прилеп ги обвини СДСМ за расипништво поради јавните набавки на Македонски железници потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски.

– Видов во објавата на Бирото за јавни набавки, каде што директорот на Македонски железници, на фирма која 6 месеци доцни со платите на вработените објави тендер за набавка не на обично виски, туку на виски старо 12 години. Не знам како ги разликуваат. Изгледа имаат добар вкус. Па на индиски ореви, па лешници, бадеми, фстаци, па не чисто чоколадо, па чоколадо мешано со фстаци, па на чоколадо мешано со ореви. Тоа го покажува дното што го допреле. Немаат никакво чувство за реалноста, ниту чувство за народот. Кога возови не возат, кога железничката инфраструктура е катастрофална, одат со тендер за лешници, бадеми, фстаци, индиски ореви и 12 годишно виски. Тоа покажува колку забегале – рече Николоски, во рамки на кампањата за локалните избори.

Николоски очекува да се случат промени во Прилеп.

– Имаме прекрасна советничка листа. Очекувам мнозинство во Советот. Носителот на советничката листа, со кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, заедно со советничката листа и со мнозинството во Советот ќе ги направат промените во Прилеп. Овие 4 години беа години на уназадување, 4 години  без реални проекти во Прилеп, 4 години на економско опустошување и на многу лични интереси. Лани на парламентарните избори граѓаните на Прилеп дадоа јасна порака до власта, затоа што власта изгуби во Прилеп. Ноаместо власта да се менува, продолжи со истите кадри, продолжи со старите кадри – рече Николоски.

Според него, по локалните избори очекува промена и на Владата со ново парламентарно мнозинство чиј приоритет ќе биде автопатското поврзување на Прилеп како со Градско и Велес, односно главната магистрала на Коридорот 10, и со Битола и грчката граница. Особено со Охрид и со Коридорот 8. Прилеп да стане она што реално е, центар на Македонија, да се развива стопански и во сите дејности.

Тој разговарал со тутунарите за проблемите, изразувајќи целосна поддршка. Откупот на тутунот мора да биде загарантиран.

Loading