ПОБЕДА, НАМЕСТО ПЛАЧ И ПУСТОШ

Амбициозна програма на кандидатот за градоначалник на ВМРО – ДПМНЕ во Долнени, Владо Глигороски

Кандидатот за градоначалник на општината Долнени од ВМРО – ДПМНЕ, Ладо Глигороски, побара поддршка од жителите да ја води општината следните  четири години со најава да ја подобри патната инфраструктура во општината, да асфалтира улици во поголемите села, да изгради десет мини пречистителни станици и селата да ги претвори во  пристојно место за живеење. Убеден е дека младите ќе се задржат и ќе живеат на родните огништа со обезбедување подобар живот во прекрасните села.

-Ја прифатив кандидатурата, затоа што умеам како да ги мрднеме работите од мртвата линија. Сите кои ме познаваат знаат дека сум борец и од ништо сум создавал нешто. Ќе бидам отворен за соработка. Проблемите се наши. Иако се наталожени, не се нерешливи. Може да се стави крај. Селото Дреновци ќе добие пат и вода. Крајно време е да добиеме брза помош и противпожарна служба во Долнени. Време е за градинки за децата. И тие да учат во реновирани модерни училиштата со детски и спортски игралишта да не  ги напуштаат домовите и да заминуваат во странство со плач на родителите без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци или Бошњаци – рече Глигороски пред околу 300 жители на општината.

Најави градба на патот за Дреновци и Средорек, асфалти од Дупјачани до Десово, Новоселани-Заполжани, Бело Поле-Вранче-Средорек, Лажани-Кошино, Рилево-Ропотово и уште десетина други патишта. Ќе гради нови улици за Дебреште, Десово, Бело Поле, Гостиражни, Сенокос, Секирци, Лажани, Пешталево, Сарандиново, Ропотово и асфалт на две улици во Долнени, долги 1,2 км.

-Предвидувам градба на 10 мали пречистителни станици и повеќе проекти за изградба и доизградба на водоводи и канализации. Секое населено место ќе добие уредено катче за одмор и рекреација за младите и за постарите. Најавувам поддршка за сите спортски клубови и стипендии и награди за најдобрите ученици и спортисти – вети Глигороски.

Повика на обединување за заедничка победа во општината Долнени, наместо грабеж и пустошење!

Loading