„РЕПУБЛИЧКИ“ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Списание кое го привлекува вниманието со своите соджини. Раката на срце, го привлекува вниманието и со јазичните грешки. Списанието е Фокус. Навистина, во него има што да се прочита. Но, зошто толку грешки? Еве реченица на насловната странива: “Гаврил Бубевски фаворит за нов републички јавен обвинител”. Името на Гаврил Бубевски го спомнуваме бидејќи е содржано во реченицата што ја цитираме. Инаку, неговото име нема никаква поврзаност со она што е цел на нашево пишување. Нам ни го сврте вниманието изрзазот “Републички јавен обвинител” или поточно придавката “републички”. Не знаеме дали ова грешка ја читаме и ја слушаме од медиумите или пак вака е официјалното име на таа функција. Ако е така, грешката е уште поголема, па дури и срамна. Зар уште не го сфативме тоа?! Додека постоеше Југославија, тоа беше државата, а федералните единици ги викавме републики. Ако постоеја, да речеме, државни закони, постоеја и републички, оние што важеа за односните република. Сега не е така. Македонија веќе 30 години е самостојна, суверена држава. Зборот “република” го означува само нејзиното општествено уредување, а не и нејзиното име. Државата (која било) може да биде кралство, република, монархија и слично. На пример, ако биде монархија, јавниот обвинител сигурно нема да биде монархиски јавен обвинител. Исто како што не може да биде кралски, републички и така на таму. Во конкретниов случај, кај нас, тој е ДРЖАВЕН јавен обвинител, а не “републички”. Имаме впечаток дека и во Уставот на Република Македонија се провлекува ваква недоследност. Сме слушале политичари, па и новинари, да цитираат некои членови од Уставот. Сме слушале да се вели “Републиката ќе направи тоа и тоа, Републиката е должна…” и слично. Претпоставуваме дека во некогашниот Устав, додека бевме во составот на Југославија, било напишано така. Сега тоа не смее. Наместо РЕПУБЛИКАТА, треба да стои ДРЖАВАТА, наместо РЕПУБЛИЧКИ треба да биде ДРЖАВЕН. Ќе набележиме и други грешки што ги сретнавме во еден број на Фокус. Ќе ги бележиме грешките или цели реченици, без да објаснуваме во кој напис и во која смисла се употребени. Евеедна реченица: “Во октомври го исчистивме целиот муљ од Дрим”. Не сме го сретнале ова досега. Го исчистивме целиот МУЉ! Во нашиот јазик тоа е “мил”, а “муљ” е во српскиот. Не е тој збор многу широко распространет, но ако треба да се употреби тоа е МИЛ. А зошто да не биде ТИЊА? Овде станува збор за реката Дрим. Прочитавме дека за сите тие зафати во односната река, институциите не биле информирани и биле “затекнати”. Ја среќаваме многупати ова грешка – “затекнати” или “затечени”. Во српскиот јазик тие си имаат такво значење, но кај нас не. Сме го објаснувале ова. Едноставно, овде станува збор дека институциите биле изненадени, а не затекнати. Во извесна статија се наведува податокот дека многу пари се трошат за преголемата администрација. Една реченица гласи: “Па со кои пари ќе се тови ова силна администрација”. Глаголот “тови” упорно навлегува во нашиот јазик. Се разбира, без никаква потреба. Товењето кај нас е гоење, ТОВ значи ОДГОЈ (гоење). Ист е случајот и со именката “продор”. Ја среќаваме и неа во списанието. Зошто толку лесно (лесно мислено) ги прифаќаме тие зборови што доаѓаат од српскиотјазик?! Зошто? Имаме наши. Вонашиотјазик именката е “пробив”, а не “продор”. Глаголот е “пробива”, а не “продира”. Оваа грешка ја слушаме често и насекаде, па дури и врз таа основа, редовно го слушаме глаголот “задира”, а кај нас задира значи дека некој се задева. Има уште грешки, не можеме да ги набројуваме сите. Еве само уште две. Среќаваме – “џепарош” наместо “џепчија”, среќаваме “дотичната”, наместо “соодветната” или “односната “. И многудруги.

Loading