ТРОЈЦА СРБИ, ДВЕ СРБИНКИ И ЕДНА ПОЛЈАКИНКА

Шах: Засилувања за ШК Прилеп

-За машката екипа привршува, а за женската претстои екипното првенство

Sah

Во минатото ако имаше засилувања од странство само во фудбалот и ракометот, сега има и во шахот. Шаховскиот клуб Прилеп во своите редови доведе дури шестмина од странство, за настапите на екипното државно првенство во Струга. Засилени се и машката и женската екипа.

Во машката екипа нов член е ВМ Бобан Богосављевиќ од Србија, репрезентативец. Многу силен шахист, исто како и двајцата негови сонародници кои претходно пристапија: ВМ Мирослав Миљковиќ и ИМ Борољуб Златановиќ. Тука се и прилепските шахисти: ИМ Тони Кироски, ФМ Славе Трајкоски, Горан Готовуша, Кире Николоски, Дејан Ѓорѓиески, Марјан Дамчески и Мартин Николовски. Највисоко рангиран, на 7 место од 75 шахисти, е новодојдениот Богосављевиќ. Засилена е и женската екипа, во која има две од Србија – ВМ Ана Бендерац и ИМ Маја Величковски. Тука е и нашата сограѓанка, Полјакинка – Јустина Дутка. Настапуваат и прилепчанките Викторија Велеска и Теодора Велева. 

– Треба да се знае оти шахот е мошне евтин спорт. Ги носиме на другарска база. Одамна сме се запознале, сме негувале пријателства, а во меѓувреме тие станале врвни играчи. Сите се во топ-форма. За нас играат волонтерски. Во клубов се само 7 дена, додека е првенството – вели Тони Кироски, капитенот.

Машката екипа на ШК Прилеп е со амбиции да го заземе барем 3 место, на кое беше пред две години. Во првите три кола, освои 12,5 поени. Ги совлада скопските, Карпош (5,5:0,5), и Центар (5:1), загуби од Гостивар (2:4). Во средата беше мечот со Анпасан (Шипковица), во четвртокот со Алкалоид (Скопје) каде игра најдоброрангираниот прилепчанец – 15 место, ВМ Звонко Станојоски. Денес е дуелот со Куманово, утре со Гамбит (Скопје).

Женската екипа стартува од недела и ќе атакува на висок пласман во конкуренција на 8 тима.

Црно-бели табли низ парковите

На бетонски подлоги наскоро ќе се постават мермерни шаховски табли во сите паркови низ Прилеп. Љубителите на шахот ќе можат да одиграат некоја партија. Ќе биде потребно само да си носат фигури. Така уште повеќе ќе се негува и шири оваа древна игра.

Идејата е преземена од повеќе европски градови.

Loading