ЕВРОФОРИЈА А НЕ „ЕУРОФОРИЈА“

ivce1Европско фудбалско првенство. Го имаше и пред 5 години. Фудбалската еуфорија ја имаше и тогаш. Ја имаше сега. Тогаш, на МРТ се појави емисија со наслов – ЕУРОФОРИЈА. Од зборовите Европа и еуфорија се создаде тој збор – ЕУРОФОРИЈА. Убаво е. Решението е оригинално. Се прашувавме тогаш, зошто еурофорија, а не еврофорија? Нели, според нашиот правопис се пишува Европа, а не Еуропа. Се прашувавме и тогаш – зошто Еуроинвест, зошто Еурокомпозит и многу такви наслови кои ги читаме и слушаме. Се тешевме тогаш со фактот дека зборот еурофорија ќе биде актуелен додека трае фудбалското првенство, после нема повеќе да се употребува и нема повеќе да го слушаме. Сме се излагале во проценката.

По 5 години ново Европско првенство. И одново ЕУРОФОРИЈА. Емисија на МРТ со ист наслов. Се прашувавме тогаш, се прашуваме и сега, зошто еурофорија, а не еврофорија. Што е тоа што ги тера нашиве луѓе да отстапуваат од утврдените норми? Да прифаќаат нешто што не е наше.

Година се одржуваше Европско фудбалско првенство. Првпат, на големото натпреварување учествува и нашата фудбалска репрезентација. Во ваквите ситуации фудбалерите стануваат интересни за медуимите. Гостуваат во многу емисии, им се поставуваат прашања и на самиот фудбалски терен. Интервјуирани се и од разни странски медуими. Зошто, барем во вакви посебни случаи, зошто никој не се сети да им каже дека не треба да велат ,,утакмица,, туку ,,натпревар,,. Во ваквите ситуации ја претставуваат државата. Треба да зборуваат на чист македонски јазик. Да не велат дека имале успешни ,,припреми,, туку успешни ,,подготовки,, . Зборовите УТАКМИЦА и ПРИПРЕМИ се српски, а се користат во сите спортови. И од играчите и од стручните лица. Никој не пројавил грижа да им објасни на спортистите. Еднаш засекогаш. Спортските коментатори се посебна приказна. Малку ако размислат нема да зборуваат, да употребуваат такви нелогичности. На натпреварот со Украина Трајковски биеше точно во левиот горен агол. Голманот одбрани. Коментаторот вели дека Трајковски не успеал да погоди. Е, како не? Тој го погоди точно аголот, ама коментаториве наши велат дека ако не постигне гол, значи не погодил. А головите ги викаат погодоци. Друго е ако рече дека играчот не го погоди голот, ако биел покрај гол. Но тој може да бие, да го погоди точно аголот, но голманот одбранил. Затоа – ГОЛ, а не ПОГОДОК. Само уште автоголот не сме чуле да го викаат АВТОПОГОДОК.

На еден натпревар играч биеше со главата, но така некако млако и непрецизно. Коментаторот вели дека играчот не ја закачил убаво топката со глава. Господ напомош! Па главата не е ниту шило ниту шајка да ја закачи топката. Играчот можел да не ја удри топката, да не ја зафатил убаво, или едноставно да не биел убаво со глава. Нашиве коментатори слушаат што велат српските и без да мислат дека тоа таму има поинакво значење, го употребуваат и кај нас. А дали е тоа правилно, нека му мислат оние кои немаат шајка во главата.

Многу грешки сме ги слушале повеќепати и на повеќе места. Еве сега една грешка (глупост) досега не слушната. Се наближувале тропски температури во нашево подрачје. Ќе се покачеле температурите на 40 степени. Во определено време од денот не треба да се излегува надвор без некоја особена потреба. Особено повозрасните лица. Слушаме совет од извесна госпоѓа. Не разбравме што е нејзината професија. Во секој случај, медицинско лице. Објаснува госпоѓата, возрасните лица да не излегуваат, освен ако тоа не е морално. Ете ти сега! Каква врска има моралот со температурата? Но, госпоѓата од безличниот глагол ,,мора,, (српски) си произвела придавка ,,морално,,.

Loading