СЕ ИМУНИЗИРААТ ПРОСЕЧНО ПО 220 ЖИТЕЛИ ОД СЕЛАТА

Дневна теренска вакцинација

vakcina debreste

Задоволителен е интересот за вакцинирање на жителите од селата во прилепско. Болницата со седум екипи имунизира над 200 жители дневно. Вакцинацијата тече со претходна најава за денот, часот и местото во селото. Една екипа посетува по неколку помали блиски села дневно. Вакцинацијата ќе продолжи додека има интерес.

Ирфан Мемедоски на 73 години од селото Дебреште вели дека се чувствува добро по првата доза.

-Добро е човек да се вакцинира. Дојдоа доктори и веднаш отидов полека, оти не се движам лесно. Си го одбрав гајлето. Се чувствувам послобден. Ми спадна стравот, оти во селото изумре доста народ. Како да ми пада камен од душата. Повеќе ќе излегувам и ќе можам да се дружам со пријателите на отворено – вели Мемедоски.

Debreste vakcini

Повозрасните се среќни, оти некој се сетил и на нив да ги заштити, без разлика што им се бројат животните денови. И помладите жители ја оставаат на саат-два летната работа и се јавуваат на вакцинација.

Во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени се преку 100 села. Екипите ќе ги посетат сите со претходна најава.

-Жителите кои не разбрале за престојот на екипите, ќе бидат повторно посетени, со претходна најава. Се надеваме дека до крајов на неделава ќе бидат понудени за вакцинација сите жители во прилепските села вели –  директорот на болницата Кети Смилеска.

Во Прилеп расте интересот за имунизација. Вакцинирани се околу 20000 граѓани, од кои 6 000 ја примиле и втората доза.

vakcinacija v selo

Loading