РОДЕНДЕН ПОД ЗЕМЈА – НА МРАЗ НА МИНУС 370 МЕТРИ

10 години Спелеолошки клуб Златоврв

Solunska 5

Спелеолошкиот клуб Златоврв – Прилеп во август ќе ја организира спелеолошката експедиција Солунска 21во втората најдлабока пропаст во Македонија, Солунска Глава 5 (-370 м). Експедицијата е по повод 10 годишнината на клубот и во чест на 2021 г. како Меѓународна година на пештерите и карстот.

– Експедицијата има научно – истражувачки карактер. Ќе почнат систематски истражувања на постојаните наслаги од мраз во пештерите и пропастите на Јакупица, особено пропаста Солунска Глава 5, во која се наоѓа потенцијално најголемиот подземен ледник во Југоисточна Европа. За мразот во пропастите на Јакупица малку се знае, а последните години е забележано зголемено топење. Поради тоа, критично е што поскоро да почнат деталните мерења и следења на мразните наслаги пред целосно да се загуби една палеоклиматска архива од непроценливо значење – информира Марјан Темовски, претседателот на СК Златоврв и водач на експедицијата.

Пропаста Солунска Глава 5 првично е истражувана како дел од првата македонска спелеолошка експедиција Солунска 80, организирана од Спелеолошкото друштво Пеони од Скопје. Околу 30 години важеше за најдлабока пештера во Македонија.

Во експедицијата ќе учествуваат претежно спелеолози од Македонија, а ќе има учесници и од Унгарија и Словенија. Експедицијата е поддржана од Спелолошката Федерација на Македонија и Општината Прилеп, а научниот дел е во соработка со Лабораторијата за изотопска климатологија и истражување на животната средина при Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен, Унгарија.

Loading