ПЕНЗИОНЕРОТ МИЦО ТРЧА ПЕТ КИЛОМЕТРИ СЕКОЈ ДЕН

mico 1Мицо Мицовски е човек кој ја сака атлетиката. Отсекогаш му лежело трчањето. Уште од гимназиските денови трчал не само на часовите по физичко, ами постојано. Еве и сега, на 64 години, иако е веќе 11 години во пензија, не се откажал. Трчал и на подолги и на пократки патеки. Жилавиот пензионер на регионалните спортски пензионерски игри, а и на државните спортски натпревари претежно се натпреварува во трчање на 80 метри. Таа категорија му е ,,фах,, такаречи студирана патека. Знае кога треба да спринтува и да запни да го мине противникот и да биде прв. И од едните и од другите натпревари добива награди за освоени први места. И тоа три златни медали, три сребрени и бронзени. Над десет пати бил прв и на регионално и на државно натпреварување. Само неколкупати бил трет. Носител е на десетина медали за освоени добитни места.

Скромно кажува дека и тој, а и спортските екипи на Здружението на пензионери биле пред некоја година шампиони на Македонија.

-Трчав од млади години, а и сега трчам секојдневно. Во горештиниве трчам наутро. Секое утро мене можат да ме видат соседите на теренот кај Економскиот факултет како трчам и вежбам по 5 киломтери независно какво е времето, зима или лето. Според временските прилики, со мало друштво, двапати неделно планинариме со брзо одење до манастирот Трескавец. Не спортувам да бидам прв, туку трчам заради себе си, за моето здравје. Медалите доаѓаат со постигнатите резултати. Силна е конкуренцијата со атлетичари од битолското здружение. Ривали сме и се докажувме – вели Мицовски.

Тој е претседател на комисијата за спорт во здружението на пензионерите. Идната недела ќе почнат подготовките за регионалните спортски игри за 1 септември чиј домаќин ќе биде Прилеп. Се очекуваат пензионери, спортисти, од Битола, Крушево, Ресен, Демир Хисар и секако натпреварувачи од домаќинот. Годинава, наместо во 11 дисциплини, пензионерите заради короната и други олеснителни околност ќе ,,бијат,, спортски бој во скратена спортска програма, само во пет дисциплини. На Паркот на револуцијата ќе се натпреваруваат пензионерите спортисти во трчање на 80 метри до и над 60 години, мажи и жени, потоа фрлање на ѓуле, мажи и жени, скок од место само мажи, удирање на фудбалска топка на мали голчиња, мажи и жени, и фрлање, погодување на кош, мажи и жени.

-Комисијата испрати соопштенија до сите разграноци за пријавување на пензионери, спортисти. Веќе имаме прва верзија на екипите. Конечните екипи, за настап, ќе се формираат по завршените подготовки за регионалните натпревари. Не е важно дали ќе бидеме први, или втори, макар што сите тоа го посакуваме, важно е за сите нас да се дружиме, да спортуваме и да го одржуваме здравјето со било каков спорт и движење во природата – вели Мицовски.

Loading