СЕ ИНТЕНЗИВИРА ВАКЦИНАЦИЈАТА

Со 3000 нови дози од вакцината Синовак за Прилеп, ќе се интензивира имунизацијата на граѓаните. Расте бројот на пријавените граѓани за вакцинација. Дневно се евидентираат по околу 1000 граѓани, а се вакцинираат по 900. Капацитетот на прилепскиот пункт за дневна имунизација е околу 1000 граѓани.

Досега во Прилеп се вакцинирале околу 12000, од кои 4000 се ревакцинирале. Се проценува дека околу 3000 прилепчани се имунизирале во други пунктови. Вакцинирани се и инвалидизираните лица. Се очекува мобилни екипи да изведуваат теренска имунизација по селата.

Инаку, пунктот во СОУ ,,Ѓорче Петров,, располага и со вакцини Фајзер, Синофарм и Астра Зенека за ревакцинација.

-Тоа е личен избор. Сите вакцини се безбедни, добри и штитат од тешка клиничка слика, односно од смрт. Би препорачал да не се избираат со која вакцина ќе се имунизираат, туку да се  вакцинираат со првата достапна вакцина – вели д-р Сашо Пуцакоски.

Според директорот на болницата, Кети Смилеска, интересот за Фајзер е поголем.

-Главно се вакцинираат повозрасните, над 60 години или сите кои се пријавиле во системот – Вакцинација.мк. Не е мал бројот и на граѓаните под оваа возрасна граница, односно под 40 години – вели Смилеска.

Ако продолжи ова темпо со по околу 800 граѓани дневно, за две недели вакцинацијата ќе биде слободна, без закажување.

Паралелно се подготвува масовна имунизација на работниците во фирмите во соработка со Стопанската комора.

Само еден новозаразен

Центарот за јавно здравје информира дека од 21 – 27 јуни, во Прилеп имало само еден нов случај на заразен од Ковид-19, а нема починати од последиците на коронавирусот.

Болни се 18, од кои само едно лице се лекува во болнички услови.

Од почетокот на пандемијата во Прилеп се заразиле 8327, а од кои починале 426 лица.

Клуч за модуларната болница

Испратен е дома последниот пациент, хоспитализиран во модуларниот ковид-центар во болницата со што ќе се стави клуч на објектот. Затворањето се должи на падот на заболените од Ковид-19.

Loading