СТАНУВАМ ВО 5 ЧАСОТ ЗА ДА ТРЕНИРАМ!

Живот: Александар Златевски игра фудбал во Доминканската Република

– Мора рано наутро оти е голема горештина – вели талентираниот прилепчанец

29386555 2448299481862456 2910025460425424896 n

Со нашиот соговорник, фудбалерот Александар Златевски, имавме разговор во 11 часот претпладне. Ништо необично за нас, ама необично за него, бидејќи тој се наоѓа во Доминиканската Република. Таму е 5 часот наутро. Моравме токму во 5 оти во 6 е веќе доцна. Тогаш му почнува работниот ден во клубот Делфинес дел Есте од главниот град Санто Доминго. 

– Тренингот ми е во 6 часот. Затоа станувам толку рано. Мора така оти потоа е голема горештина. Неподносливо е на температура над 30 степени. Тренинзите се прилагодени според времето. Досега немав толку рано тренирано, бидејќи кај нас во Македонија трениравме околу 9-10 часот или попладне. Во почетокот не беше баш лесно, но се навикнав – вели за првото изненадување во новата средина.

Дваесетгодишниот талентиран прилепчанец во Доминикана е само 40 дена. Успех за него е самото тоа што е член на клубот кој настапува во првата по ранг –  Лига мајор, но и на меѓународно ниво, во Конкакаф. Фудбалер за кого и домашната, македонска јавност малку знае, го прифаќа предизвикот – голем професионален клуб. Скромното искуство од Школата на Горан Тодоровски – Сивчо, Кадетската екипа на Победа, струмичка Академија Пандев, крушевско Питу Гули и Росоман, воопшто не значи дека не ќе може да ги исполнува обврските што ги бараат Доминканците. Напротив…

viber image 2021-05-19 11-43-54– Тренинзите се различни во однос на тие кај нас. Овде повеќе се посветува внимание на физичката сила, на издржливоста. Сметаат дека играчите природно се надарени за тактика или техника, и на тој план помалку се тренира. Напорно е на овие температури. Но, сега-засега немам проблем да сработам сé што е зададено. Имам полза од тоа што претходно многу работев на себе си. Се трудам да бидам рамо до рамо со професионалците околу мене. Силната желба не ми дозволува да бидам под нивното ниво – смета Златевски.

Документацијата, како што многупати се случува, не се комплетира лесно и брзо. Тоа е причина што нашиот фудбалер ги пропушта првите неколку првенствени кола. Со трпеливо тренирање ја чека шансата. Конечно добива знак од тренерот и од клупата влегува во игра на мечот дома со  Харабакоа. Мечот завршува со непопуларниот резултат, 0:0, но Александар не е незадоволен од прикажаното.

– Одиграв околу 25 минути како преден играч за врска, во офанзивата. Задоволни се во клубот. Не ја постигнавме целта – да победиме, а имавме иницијатива и шанси. Среќата не беше со нас со резултатот. Сепак, среќен сум што настапив – задоволен е тој.

До крајот на пролетниот дел се десетина натпревари. Пролетниот дел е покус, а есенскиот подолг. Делфинес се бори за врвот во лигата со 10 тима. Затоа се носат големи играчи, веќе докажани. Прилепчанецот, како мошне млад, е реткост. Треба да издржи и да се избори за место во силната конкуренција.

– Околу мене се играчи со огромно искуство. Настапувале во италијанската Сампдорија, бразилскиот Палмеирас, англискиот Вулверхемптон… Вистински професионалци. Ако останам во клубот, решен сум да се борам за место. Договорот ми е крајот на пролетниот дел. Можно е да заминам во друг клуб. Одлука допрва треба да донесам – најави Златевски.

Ако успее, ќе успее само поради својата верба, упорноста. Нема ,,вујко владика,, да му помогне. Секоја чест за ова младо момче. Само е в хотел, единствен Македонец во клубот. Далеку од родниот крај е близу 9000 километри. Не го обзема носталгија.

– Носталгија не ме фатила. Можеби уште е рано, затоа што постојано сум на линија со најблиските и пријателите. Сите со кои се слушам ми даваат поддршка за да истраам. Не знам кога ќе имам можност накусо да се вратам во Прилеп. Зависи од тоа дали ќе изберам нов или ќе останам во овој клуб – во дилема е Златевски.

viber image 2021-05-19 11-52-49Преубави девојки

Кога се споменува некоја држава од Средна или Јужна Америка, како Доминикана, прва асоцијација за машкиот свет се преубавите девојки. Дали тие ќе му го ,,свртат умот,, на младиот прилепчанец?

– Дека има вистина за девојките, има. А, да ми го ,,свртат умот,,не ќе можат.  Тука сум за да играм фудбал, да напредувам. Морам да сум професионалец и не отстапувам од тоа.

Ретко кој не знае за Македонија

Секогаш имаме комплекс на мала држава низ сомнежот: слушнале ли воопшто за нашата Македонија. Како е во далечната Доминикана.

– Ретко кој не знае. Некои се интересираа каде точно се наоѓа. Повеќето не само што слушнале за Македонија, туку многу добро знаат дека сме учесници на претстојното Европско. Нема кој не знае за Горан Пандев.

Loading