МАРАТОНЕЦОТ ТРЧА И НА 77 ГОДИНИ

DSC06491Пензионерот Миле Алексоски – Састиот

Уште рекреативно трча и одржува кондиција пензионерот Миле Алексоски – Састиот кој беше познат атлетичар со освоени повеќе пехари и медали за учество на многу трки, посебно на маратонските дисциплини. Не му тежат 77 – те години. Лесен е како пердув, а здрав како дрен. Да не го познава човек, нема да открие и да верува дека е пред крајот на осмата деценија од животот, а изгледа виток и стамен, небаре атлет.

-Уште трчам возам велосипед и лете пливам на базенот. Не ми претставува товар. Напротив, мислам дека ми се подобрува здравјто и се чувствувам физички спремен. Се разбира, не можам да се носам со помладите, но ништо не ме боли, ништо не ми фали и небаре носам дух и тело на млад човек. Имам дневна шема за трчање или возење на велосипед. Тоа ми предизвикува ќеф, тоа е дел од мојот свет. Докажувам пред себе си и пред другите дека годините не се важни, туку дека се само бројка – вели Састиот кој беше атлетичар.

Отсекогаш бил мераклија за трчање. Атлеските патеки му беа неговиот живот како сега, иако годините го навасаа. Поголем дел од соништата ги исполни. Затоа со задоволство го враќа филмот за минатите времиња кога нижеше триумфи на атлетските патеки.

DSC06495-Сакав да трчам, да пливам и да возам велосипед. Таа амбиција никогаш не згасна. Имав желба да учествувам на триафлон, но не успеав да ги убеди организаторите на атлетските натпревари и не учествував досега. Атлетиката ми лежеше од дете. Трчав првин на кратки патеки, потоа на долги и на маратон – кажува  Миле Алексоски.

Ја засакал атлетиката од мали нозе. Постигнувал добри резултати под водство на познатиот тренер Ѓорѓи Гешоски.

Како амбициозен атлетичар прво трчал за екипата на АК Победа, а потоа за АК Трети ноември. Во атлетската кариера е носител на бројни први места, ги кинел лентите во финишот и со радост ги кревал рацете. Често се качувал на највиокото место на пиедесталот во дисциплините на 1000, 3000 и 5000 метри.

-Најдобар успех имав на Армиското првенство на поранешна Југославија на патеката од 5 000 метри во Шибеник. Во силна конкуренција се качив на тронот, го освоив првото место. Редовно учествував на Охридскиот маратон и секогаш заземав или први места или висок пласман во својата категорија. Во 1977 година успеав да го истрчам многу тешкиот маратон од Свети Наум до Охрид во должина од 30 километри. Тоа беше исцрпувачка битка за победа која ми е најдрага. Бев дел од учесниците на маратоните во Кумровец, потоа Фрушкогорскиот, Которскиот, Сплитскиот, Белградскиот, Кадињачкиот, Цељскиот и Мариборскиот. Секаде котирав високо, меѓу првите. Сите учества ми се драги. Задоволен сум кога победувам и кога  освојувам први места, кога добро се пласирам, но и кога не сум на првото место – кажува Алексоски.

Пред пензионирањето беше работник во текстилната индустрија Билјана.  

Loading