УРДАТА БИЛА „МЕКАНА“

ivce1Многу емисии за кулинарството. Разни јадења, готвени, специјалитети… Раката на срце, слушаме и многу јазични ,,специјалитети,,. Ќе приведеме некои. Долгогодишна, експонирана презентерка на разно – разни рецепти објаснува како да се приготви извесно јадење. Набројува артикли кои треба да се употребат. Меѓу другото, вели дека било потребно да се стави една свежа јаболка. Уште не разбрала госпоѓата дека еднинската форма на таа именка гласи – ЈАБОЛКО, а не ЈАБОЛКА. Ама, ете, таа вели – една ЈАБОЛКА. А ако се повеќе, тогаш слушаме – ЈАБОЛКИ.

Меѓу другото, требало да се стави и урда. Во еден земјен сад ја гледаме урдата. Госпоѓата ја покажува на гледачите и вели – ,,Гледајте колку е мекана,,. Ете, разбравме дека урдата била – МЕКАНА. Во ваквите емисии слушаме за убави јадења, вкусни специјалитети, но мошне често и јазичен невкус.

И не само тука. Слушавме нешто за некаков надоместок за наставниците. Новинарката вели дека наставниците уште не добиле ,,надокнада,,. Тој збор не е наш. Чудно е зошто го слушаме често. Во нашиот јазик тоа е –  НАДОМЕСТОК, а не НАДОКНАДА.

Народните приказни се многу застапени во ТВ програмите. Ама, не прилегаат на приказни. Често гледаме некои новосклепани текстови, со многу јазични грешки. Еве една реченица: ,,Не знам како да се отарасаме од него,,. Дејството во овие ,,творевини,, се случува во некое одамнешно време. Обично, во турско. Авторите ги збогатуваат со ,,современи изрази,,. Каде ли го најдоа зборот (глагол) ,,отараси, или ,,отарасува,,. Зошто не би се рекло дека сакаат да се ослободат од него. Може да се рече дека не знаат како да го откачат тој непожелен човек. Зошто го користат српскиот збор ,,отараса,,. Користењето на српски зборови станува загрижувачка појава. Уште позагрижувачко е кога се прават буквални преводи, кога несмасно се помакедончуваат. Прогласен бил поглаварат на Српската православна црква. Србите велат дека бил устоличен. Нашиов новинар го помакедончува тоа и вели дека бил ,,востоличен,,. За непотребното исфрлање на префиксот ,,у,, сме се искажувале и порано. Тоа не треба да се прави секогаш и во сите случаи. Ако е некој предмет УПОТРЕБЕН за нешто, зар ќе речеме дека е ВОПОТРЕБЕН? Ако е некој УСПОКОЕН, зар ќе речеме ВОСПОКОЕН? Еве, само уште еднаш. Вокалот ,,у,,  во нашиот јазик не смее да се користи како предлог. Таму каде што има такво нешто е само локализам. А како префикс, на многу места ,,у,, може да се користи. Се разбира, не секогаш и не секаде.

Рековме, користењето на српски зборови е честа, па дури и опасна појава. Ја гледаме редовно хумористичната емисија ,,Зевзекманија,,. Не можеме да речеме дека таа не предизвикува смеа. И не само смеа. Избиваат од неа и многу осилки. За многу појави во нашево време. За многу личности. Сето тоа е убаво, многу убаво. А, јазикот? Ух! Мошне лош. Ќе речат изведувачите дека е тоа ,,сленг,,. Не може така. Сленгот треба да произлегува од нашиот јазик, а овде слушаме чисто српски зборови и изрази. Се зборува за некои луѓе, се критикуваат и заклучокот бил дека се тие ,,Шилјокурановиќи,,. Зар баш морало да се употреби овој збор? Инаку, јасна е асоцијацијата. Јасно е што се сака да се каже. Се знае шилецот каква форма има и на што се однесува во случајов, на кои и какви луѓе. Зборот не само што е српски, туку веќе ја преминува границата на пристојноста. Но, кога може тоа на телевизија, ќе си земеме слобода да користиме таков збор и овде. Барем ќе биде македонски. Имаме ние наш збор наместо ,,Шилјокурановиќи,, тоа се ,,Клинкури,,. И овде е јасна асоцијацијата. Формата на клинот е слична на онаа од шилото. Вакви прекари обично се измислуваат за немоќни луѓе кои незаслужено се искачиле на високи моќни места.

П.С.

Неопходно се наметнува потребата да бараме извинување за употребата на овие непристојни зборови. Но, овој пат не можевме да најдеме друг начин. Затоа, уште едно – ИЗВИНУВАЊЕ.

Loading