НА 8 ГОДИНИ – ПАРТИЗАН, НА 34 – ГАСТАРБАЈТЕР

Живот: За вредниот и храбар Ристе Ристевски

-Од Кокре преку Хановер до Аличаир

1-Kokre

Кога и да го посетите паркчето до Црквичката ,,Свети Константин и Елена,, во типската населба Аличаир, сигурно го наоѓате 85-годишниот Ристе Ристевски. Нема промашување. Секогаш отворен, расположен за разговор. И во времето кога многумина се преплашени од контакти. Со задоволство ја раскажува животната приказна.

– Роден сум 1936 година, во Кокре. Преубава природа и за луѓе, и за стока. Крај историски. Комитата Толе Паша на сопругата и е прадедо. Селаните го предале. Отепан е во Гуѓаково. Загинал и син му Велјан. Кога дојде време, на женава брат í со други ги зедоа коските оттаму и му направија споменик во Крушевица. Внуката која изучи историја и географија, го истражуваше животот и ја напиша неговата биографијата. Има многу кажување за Мариово – вели Ристе.

Тешко му е детството. На осум години станал партизани, во 1944 година. Помага во Деветтата бригада со командантот Ордан Шабан. Мајка му му била нунка. Бригадата е единствена која успеала да остане цела. Од другите загинале борци, од оваа ниеден. Малиот Ристе носел леб за партизаните. Мал, а бестрашен. Како Бошко Буха.

2-Riste

– Селото ја хранеше четири дена Деветтата бригада. Оставија казан царевка да се вари и еден казан тиква. Селаните месеа леб и го печеа во фурни. Од АФЖ крпеа чорапи и друго за носење. Рекоа: ,,Лебот од три фурни, како знаеме, да се однесе кај манастирот Прилепец,,. Кој ќе го носи – полјакот, на татко ми брат. Девет вреќи леб однесовме со три магариња. Го зедоа војничињата на рамо кај манастирот – се сеќава Ристе на најтешкото.

На 22 години го земаат во војска, ЈНА. Прво во Пирот, па во Сомбор. Добива чин водник за чувањето на границата со Унгарија при драматичен и тензичен период со Советскиот Сојуз.

– Го продолжија воениот рок до 28 месеци, оти бевме оспособени за секакви потреби. Продолживме. Ракувавме со секакво оружје. Државата беше на ,,штрек,, па одевме на гаѓање секоја недела – го враќа филмот Ристе.

За живејачка заработува прво како момок во мариовско, потоа како одржувач на жичарницата за пренесување на рудата од фабриката Партизан на работа како ,,линијаш,, од Кален до манастирот кај Прилепец седум години. По 1970 година пропаѓа претпријатието поради неквалитетна испорака за странство.

– Од Заводот за вработување понудија спас во Холандија, Австрија и Германија. Најмногу се печалеше во Германија. Ме праша за ,,ниска градба,, И без думање заминав! Стигнавме во Касел, па нé распоредија во Диселдорф, Франкфурт, Минхен… Јас во Хановер – се потсетува на денот кога станува ,,гастарбајтер,,. 

3-Hanover

 Германија е земја ,,осудена,, на успех. Тоа е Запад. Приватникот не го интересира дипломата, туку само дали сакаш и умееш да работиш. Бараат само работливи и вредни. А Ристе, од мал со темперамент на пргав човек. Работи на телефонски, електронски линии, канализациска мрежа… Дури шефовите прикажуваат за неговите вештини. Тие што не виделе, доаѓаат да се уверат. Со искуството од Прилеп, Ристе правел водовод.

– Заапамтив како ги поставуваа големите ,,гасеници.. цевки по шест метра, гледав како ги спојуваа со варење. Ми останаа сликите на ортоми лепење од страните, стоплување на оловото, кое не скапува. Ме виде Германецот и задоволно му рече на колегата: ,,Гросе специјалист! Голем мајстор си,,. Побарај уште еден да работи со тебе. Ме плаќаа 10 марки и 10 фенинга, за 1 марка и 10 фенинга повеќе од другите – го ценеле и ,,пребирливите,, Германци.

Разни работи прифаќа. Го прифатил постариот брат таму кој останал 20 години. А Ристе се враќа само по пет години.

4-Naselba

– Спечалив доволно за куќа, кола, нива, дуќан… Газдата ми понуди 12 марки, на другите по 8. И по 15 марки нудеа, не прифатив. Син ми Љупче беше мал, заодуваше на училиште, жената сама. И си дојдов – била одлуката за враќање.

Во Прилеп работи во Политекс до пропаѓањето, потоа кај други приватници. Во пензија е дваесетина години. Во полна куќа со најблиските – сопругата, синот, снаата и двете внуки, живее убаво, во најубавата населба во Прилеп.

Што ни се случува?

Прашањево сите го поставуваат, а никој нема сигурен одговор. Ристе ја зема во предвид некоја стара книга, на српски ,,Велики вечити календар,,. Во неа имало предвидувања.

– Ја имав книгата – календар. Ја дадов на еден, па на друг, трет, и се загуби. Но, запамтив, Првата светска војна, би и помина, и Втората така, но Третата ќе гори, пожар. Од ова сега каде има поголем оган? Нема спас. Поништување. Ова намерно е направено од луѓе – вели Ристе за актуелната состојба со Ковид 19 и пандемијата. 

Loading