БЕЗ ПРИЛЕП, НЕМАШЕ ДА ВИДАМ СНЕГ!

Живот: Сограѓанка ни е Емили – Ањанго Аума од Кенија

-Таму немаме зима и на +20 степени носиме винтјакни, ракавици и чизми

IMG 1553

Кога нашите сограѓани бараат шанса што побргу да ,,летнат,, кон богатите западни земји, некои странци доаѓаат овде. Веќе неколку години жителка на Прилеп е 36-годишната Емили – Ањанго Аума од Кенија. Во родниот Најроби ги остава двете сестри, братот и мајката, да дојде довде со сопругот Александар, прилепчанец и ќеркичката Зорица. Од петмилионски во стопати помал град.

-Бидејќи сум хотел-менаџер по професија, во Катар работев заедно со сопругот. Се запознавме и љубовта ја крунисавме со брак кој трае девет години. Откако се роди Зорица, бевме во Кенија, накусо доаѓавме и тука. Пред три години конечно падна одлука постојано да живееме во Прилеп – вели Емили.

Кога тргнувала на пат, баба í ја советувала: ,,Таму каде што одиш, да се навикнуваш, да ги прифаќаш за да те прифатат,,! Во градов прво е волонтерка, физиотерапевт, кај деца со посебни потреби. Потоа е наставничка по англиски јазик во приватно училиште. Станува и инструктор по танци во фитнес клуб. Некои од членовите не плаќале и работата  станала неисплатлива. Кенијката не сака да седи бадијала. Се посветува на фризерскиот занает. Прави фризури со афро-плетенки не само за прилепчанки, ами и за стружанки, охриѓанки, скопјанки, дури и од Демир Капија.

viber image 2021-04-21 00-25-08 8

-Сега сум пица-мајстор во пицерија. Правам пици, кафе…  Сé што треба. Фала му на Господ, знам сé. Му благодарам и на газдата за поддршката. Има добрина, трпение и разбирање што сум оддалеку. Ме почитува и не ме гледа како човек од друга држава, како странец. Ме прифати како да сум дел од неговото семејството. Од срце му благодарам, Господ да го благослови. Првин, не знаев што е шунка, печурки, кашкавал, како се викаат на македонски. Сега знам сé. Сé може да се работи, ако се има желба, ако се сака – порачува Емили.

Климата? За Африка се препознава по горештините. Од пекол во студенила. Како што Константин Миладинов во Москва мечтаеше за Охрид и Струга, за јужните краишта, така и Африканците кога се во Европа. Емили кажува дека во Кенија нема зима и затоа голем проблем í е овде периодот од октомври натаму.

-Зима не сакам, многу е студено. Без јамболија и без ракија, уф! Таму сме навикнале со 25-26 степени, секогаш на многу убаво време. Ако врне и температурата падне на 20 степени, студено е и сите сме болни. Носиме винтјакни, чизми, ракавици… А овде? Првпат во Прилеп видов снег што дотогаш сум го гледала само на телевизија. Цел живот го чекав. Ќерка ми, тогаш тригодишна, ми свика: ,,Мамо, мамо дојди, има млеко турено надвор,,! Излегов, зедов малку снег в рака и го пробав, како да е јадење. Чудно и интересно – раскажува Емили.

viber image 2021-04-21 00-26-16

Навикнува и на храната. За неа овде има вкусна храна со многу месо. Таму се јадело како да се вегетаријанци, многу зеленчук и овошје, а малку месо. Овошје колку ти душа сака. Од банани не само една сорта, ами безброј, па портокали, авокадо и друго јужно овошје. И овде има, но со послаб квалитет. Разлика има и во лебот, кој ретко се јаде во Кенија, обично за појадок со чај, намачкан со маргарин.

-Македонската кујна ми е многу вкусна. Сарма, салати, полнети пиперки, сирење, мусака… Бурек е моето омилено јадење. Уште ширден не сум пробала. Ајварот да не го заборавам. Знам да го правам. Кебапчињата се најубави. Во Струга, Охрид, Скопје имам пробано, сегде, ама во Прилеп се најдобри. И свекор ми готви: посни сарми, гравче-тавче, сé е вкусно и ми се допаѓа храната – се смее Емили која уште не го совладала добро македонскиот јазик.

viber image 2021-04-21 00-22-14

За стандардот, живеачката? Емили е лицето на тој африканскиот континент. По однесувањето е современа жена полна со вредности, на кои може да í завидат многу Европејки. И Африка, не е повеќе континент од времето кога Боб Гелдоф со концерти собираше пари за гладните. Не е само пустина и сиромаштија. Има бизнис, инвестиции,  големи згради. Во Кенија платите се повисоки, наспроти високите цени и скапотијата.

-Тука е многу евтино. Некаде да работиш и да печалиш, а тука да трошиш, да живееш и уживаш. Ми се допаѓа мирот, малата и спокојна држава. Слободен живот. Цел свет е во брзање, динамика. Друго е во Македонија. Полна е со чистота, убавина, природа… Има мермер кој се извезува во цел свет. Се продава секаде, дури во Дубаи. Со два милиона жители, оваа држава треба да е најбогата – заврши Емили.

viber image 2021-04-21 00-24-41 2

Христијанка сум

Низ разговорите, го споменува Бог. Емили е верник. Припаѓа на Христијанската Баптистичка црква ,,Божји глас,, која луѓето ги учи да бидат добри.

-Читаме и учиме од Библијата. В црква пееме низ танцување. Не само на англиски, туку пееме и македонски песни: ,,Се радувам се радувам, за името на Исус, се радувам,,. Господ е секаде и за сите.

Во кенија немале обичаи како овде, на пример, за Велигден со јајца. Заради ќерка í и семејството во Прилеп, и таа е вклучена во традицијата. Ќерка и празнува и шета по јајца заедно со другарчиња.

viber image 2021-04-21 00-24-41 3

Ќерка ми ме учи македонски

-Фала му на Господа, сега знам јазик, се навикнав. Кога не знаев ништо беше потешко. Детето го знае македонскиот и од неа го учам. Таа зборува убаво, чисто македонски. Оди во ОУ ,,Кире Гаврилоски – Јане,,.

viber image 2021-04-21 00-25-08

Знаев за Македонија

-Од дете ја познавам Македонија, оти ја има во Библијата. Спомната е преку Светиот апостол Павле. На училиште по историја учевме и за Александар Велики – Македонски.

viber image 2021-04-21 00-26-16 1

Loading