ЖИВОТОТ НА ЖИВОТНИТЕ МУ Е ПРЕДИЗВИК ЗА СПАС

Д-р Панче Дамески, ветеринарен лекар и проф. на Ветеринарниот факултет во Битола

unnamed

Панче Дамески е ,,мултитаскин личност,, извршува повеќе активности, работи во повеќе дејности, но на сите тие заеднички именител им се животните. Поточно љубота кон нив, желбата да им се помага и одржува нивното здравје, што индиректно предизвикува зачувување на животинскиот свет и радост кај сопствениците на животните. Без разлика дали се одгледувачи на крупен добиток или пасионирани љубители и на кучиња, па дури и на папагали. Доцент е на Ветеринарниот факултет во Битола и професор на Клиниката за хирургија, ортопедија и офталмологија која што ја води од 2016 година кога докторирал, а пред тоа бил асистент.

Дека животот и здравјето на животните му е грижа пред сé, доказ се и повиците среде ноќ, кога сонот го прекинува и интервенира да му помогне на беспомошното животно упатено преку апелот од сопственикот на домашното милениче. Тој е ветеринарен лекар со долгогодишно искуство и вљубеник во животните, особено во кучињата, бидејќи е и кинолошки судија. По завршувањето на студиите во Загреб и враќањето во Прилеп повеќе од 25 години работи како ветеринарен доктор, најмногу и најчесто со т.н. мала пракса, односно со домашните миленици.

17426068 10154460000653404 1516394702940589304 n

– Една од причините за студирањето беше љубовта спрема кучињата. Задоволство е човек да го работи она што го сака, да ужива и дополнително тоа да му е и хоби во слободното време кое го немаме многу. Од оваа перспектива велам дека работите во Прилеп и во Македонија се доста променети во позитивен правец. Има многу поголема едукација на новите сопственици на миленици, обраќањето на внимание, одржувањето на нивното добро здравје и нега на милениците, запознавање со природата на одредени раси и се повеќе редовната посета на ветеринарите и превентива на домашните миленици. Во ништо не заостануваме зад поразвините кинелошки центри на Балканот – објаснува Дамески.

Им помага најчесто на љубителите на домашни кучиња кога се соочуваат со некој проблем. Се почесто милениците се дел од семејството со кое сите членови, дури и премногу се врзуваат.

-Генерално, искуствата ми се позитивни. Доктор сум кој што знае да го процени кучето прво и по погледот. Секогаш настојувам да воспоставам контакт со кучето, да ја добијам довербата и со тоа многу полесно да пристапам и полесно да го прегледам. На почетокот од работната кариера почесто одев во т.н. домашни посети. Со времето увидов дека е потешко да се пристапи, особено на агресивните кучиња кога се на домашен, нивни терен. Затоа, сега инсистирам кучето да се донесе во амбуланта, што и не е проблем, бидејќи најголем дел сопствениците имаат свој превоз и такси компаниите ги примаат животните и ги носат во амбулантата. Полесно е, бидејќи и најхраброто и најагресивното куче кога ќе дојде во некој непознат простор чувствува одреден страв и малку е помирно и попогодно за преглед – објаснува Дамески.

64274123 10156371419353404 6983691890734399488 n

Спасува животи. Кога беспомошното животно е пред последниот здив, им го продолжува животниот век. Некои сопственици се однесуваат како надрилекари.

-Не се чести таквите примери. Има случаи кога буквално се чека до последно и ги носат пациентите во многу тешка состојба, кога и интензивната ветеринарна нега не може да го спаси животот. Има одреден процент на сопственици кои пробуваат на своја рака, дел од нив и од материјална состојба, да избегнат трошок за ветеринарните услуги. Добар дел бараат спас на Гугал, имаат свои дијагнози, терапии, доаѓаат со свои претпоставки, терапии. Доколку човек е сигурен во своето знаење, не би требало да подлегнуваме и потпаѓаме кон таквите мислења од сопствениците. Треба да им се објасни, да разбере сопстевникот што е проблемот и како може да се реши. За жал, има случаи кога еутаназијата е единстевниот избор. Тоа се најтешките моменти, одлуки за да се соопштат на сопственикот дека треба кучето да се успие. Треба да се образложи, да му се каже поради што, кои би биле последиците доколку кучето не се успие. Добар дел од сопствениците го прифаќаат образложението, препораките. Тие се мошне емотивни моменти, проследени со солзи, со плачење, што е и нормално, бидејќи животното било дел од семејството и години биле заедно. Векот на домашните миленици, за жал, е покус и треба сите да бидеме спремни и свесни дека еден ден ќе дојде крајот и разделбата со миленикот. Во најголем дел се прифаќа разумно и рационално одлуката, бидејќи нема смисла да се продолжува животот на кучето, ако нема квалитетен живот. Ако кучето е неподвижно, не може да се храни само, не може да излезе по нужда, нема логика да се одржува во живот. Тоа е измачување и за кучето и за сопственикот – објаснува Дамески.

68629164 10156516998623404 1065668921866059776 n

Болница нема, но дел од амбулантите имаат стационар во кој може да останат животните неколку часови доколку се во критична состојба. Најдобра нега може да му се понуди дома кај сопственикот. Честа е појавата на труење на кучињата.

-Ги трујат несовесни граѓани, соседи кои заради само ним познати причини, ставаат отров во храна. Тоа се тешки нервни отрови кои брзо делуваат и се погубни по организмот. Таквите пациенти ги носат во коматозна состојба. Драго ми е што голем процент сум успеал да ги спасам и излекувам. Терапијата и негата се интензивни, неколку саати, па и денови. Големо е  задоволството на крајот од спасениот живот, од радоста кај сопственикот  кој можеби и се откажал и мислел дека нема шанси. Или по извесен период голема е сатисфакцијата кога ќе дојдат на редовна вакцинација. Тука ја гледам благодарноста како ветеринарни доктори, бидејќи придобивката во ветерината не е многу материјална, меѓутоа овие задоволства, благодарноста од кучињата, мачките од нивните сопственици е многу поголема награда за нас – објаснува Дамески.

134724651 10157843296293404 7470739277114404642 n

Доминираат кучињата како миленици во градов, но има и мачки кои ги чуваат прилепчани во домовите. Се зголемува грижата околу нив, држењето, хранењето. Има стотици мачки кои сега сопствениците ги носат на вакцинација, ако порано годишно тој број бил од 10 до 15 годишно.

За жал, опаѓал интересот за студирање на ветеринарните факултети.

Лек и за пердувестите животни

– Има доста сопственици на папагали кои забележале одредени проблеми. Бараат помош и многу се грижат за тој вид на миленици. Со задоволство кажувам дека сум меѓу првите во градов кој неколкупати сум направил хируршки интервенции на папал, на славејчиња, песнопојни птици каде што со анестезија сме му помогнале и останале живи птиците, за среќа, на сопствениците.   

IMG 4945

КОПИТАРИТЕ САМО ВО ЗООЛОШКА ГРАДИНА?

Во вториот дел од неговата кариера, по враќањето од пратеничкиот мандат, работи исклучиво со мала пракса, само со кучиња и мачки кои сопствениците му ги носат во амбулантата каде работи неколку саати.

– Крупната стока е еден сосема друг вид на пракса. Немам време да одам на терен. Со малата пракса врската меѓу сопстевникот и животното е сосема друга. Има емоции, љубов, со кучето или мачето. Луѓето поинаку се поврзани. Со крупната стока е поинаку. Таа се чува од економски причини и емоциите се сведени на минимум. Одењето е на повик и исклучиво во фармите. Во било кое време сум имал итни случаи, морало да се интервенира. За тежок пород или итни ситуации каде неопходно било брзо да се интервенира за труење или надуеност кај кравите, поради прејадување  при што може да угини животното. Копитарите изумираат и новите генерации ќе мора да одат во зоолошка градина да видат магаре или коњ. Кај нив сме интервенирале за стомачните проблеми, заради специфичната градба. Имало и механички повреди и рани. Ако дојде до фрактура кај големите животни, за жал, помош нема. 

КИНОЛОШКИОТ СУДИЈА СЕЛЕКТИРА ВРВНИ РАСИ

– Од далечната 1996 година сум и кинолошки судија, потоа и меѓународен судија. Уживам на изложбите и манифестациите кога како судија го оценувам квалитетот на кучињата и многу помагаме за една правилна селекција за расплод, позитивните гени да продолжат кај потомството. Долг временски период чував ирски сетер кој заболе од лашманиоза, која е тешка болест и најпроширена меѓу кучињата во Прилеп на ниво на Македонија. Не можам да кажа зошто е тоа така, но најголем број на позитивни докажани со сигурен тест има во Прилеп. Оваа пролет ќе земеме ново куче.

КАСНАТ 20 ПАТИ ОД КУЧИЊА

– Сите овие години дефинитивно сум имал и некои непријатни искуства, се случувало и куче да ме касне и маче да ме изгреби, но тоа навистина е ретко. Можеби се 15 – 20 каснувања сите овие години и сето тоа го земам како лична моја невнимателност и никогаш не сум ја префрлил вината на сопственикот. Бидејќи сепак кога животното ќе дојде во амбулантата одговорен за сигурноста на животното, на сопственикот и на сите присутни е на ветеринарниот доктор, кој треба да се грижи и за себе, и за пациентот, и за сопственикот. 

Loading