ВИЕНСКИОТ КЛАВИР ОД СЕМЕЈСТВОТО ЦРВЕНКОСКИ ПОДАРЕН НА ЦК ,,МАРКО ЦЕПЕНКОВ,,

klavir

Стар виенски клавир на семејството Црвенкоски (Јасмина, Звонко и Златко) е подарен на ЦК ,,Марко Цепенков,,. Инструментот, за кој сентиментално е поврзано семејството, е дониран да им користи на сите прилепски музичари.

Клавирот е стар над стотина години, изработен од браќата Кушера од Виена. Иако не наштиман со години, сепак произведува тонови, кои по по стручна интервенција ќе бидат кадифени.

Семејството Црвенкоски вели дека клавирот е донесен од Зрењанин пред 60 година. Бил завет и семејна историја, која ја имаат раскажано и за Зенит.

Едниот од сопствениците Звонко рече дека мајка му била Романка и при посета на блиски во Зрењанин во 1963 година разбрала дека некои Германци се отселуваат и го продавале клавирот, за тоа време вреден.

-Го пазареле за брат ми, кој тогаш тргнал да свири клавир во музичкото училиште – вели Звонко, додавајќи дека заради немање простор каде да го чуваат решиле клавирот да го подарат на ЦК ,,Марко Цепенков,,.

Златко ја  раскажа првата средба со клавирот.

-Клавирот дома го внесоа преку прозорец. Му ги извадија ногалките и неколку амали успеаја да го внесат во собата. Сета среќа што живеевме на првиот кат, па не беа потребни други помагала и алати за качување. Првиот допир ми предизвика возбуда, зашто даваше поинаков тон и боја од оној на кој што свирев во музичкото училиште. Бев многу среќен, оти можев да вежбам дома кога сакам, да ги поставам нотните учебници и да произведувам колоритни акорди. Особено тешко се совладуваше Бетовен. Сепак, со силен елан, со секојдневно дружење со инструментот, постепено ја усовршував манипулацијата со клавијатурата. Даваше уникатна резонанца, мека, како да го гали сетилото за слух, срцето го следеше тактот, ја параше душата, полнејќи ја со емоции и воодушевување – раскажа пред неколку години Златко.

Во центарот, клавирот ќе им биде во близина, ќе можат да го гледаат и да ги враќаат спомените на едно време.

Loading