ЧОВЕК СО ПОЛНА ТОРБА ПАСОШИ

3Живот: Стеван Петревски, цел живот е во туѓина

-Најдолго, две децении, живеел во Прага

Кога закажувавме средба за разговор, од нашиот сограѓанец, 67-годишниот пензионер Стеван Петревски побаравме неколку стари фотографии. Се појави со торба на рамо со дваесетина фотографии и еден куп пасоши. Стручнакот за хортикултура не само што патувал, ами и долго време живеел во туѓина.

-Ги чувам сите стари пасоши, а имам и нов. Прво Југославија ја вртев, а потоа и други држави – Грција, Бугарија, Албанија, Романија, Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Италија, Германија, Холандија, Франција, Австрија… Пасоши, печати, печати… Веќе 46 години животот ми мина во движење – вели Петревски.

Секаде оди – дома дојди. Стеван го привлекува патувањето, непознатото. Мерак е да запознае повеќе нови земји, предели, луѓе… Кога се враќа во родниот Прилеп, се задржува до новата можност за заминување. Во Србија кај Крушевац, работи како заменик-раководител на плантажа, а во Хрватска кај Метковиќ – лозарство. Во 1988 година се враќа во Прилеп. Основа земјоделска задруга во Ракле и околните села. Ни ова не трае долго. Се растура Југославија, се растура системот, се растураат плановите на стручнакот со Виша земјоделска школа. 

-Неколкумина во 1992 година извадовме туристичка виза за Грција. Беревме портокали и мандарини на Пелопонез, во Микена, Спарта… Мина визата и останавме три ипол месеца. Нé притворија. Окако нé натераа да го бациме нивното знаме по осум дена, преку Атина и Солун се вративме назад – раскажува за мачните денови. 

Следна е Чешка. Заминува со група во 2001 година. Работа нема. Сите остануваат на улица. Добиваат азил и се сместени во прифатилиште во Млада Болеслав, каде се произведуваат автомобилите Шкода.  Многу убав град, милина за живеење. со музеи… Пет месеци го прекинаа азилот, па спасот го баравме преку Црвенио крст. Дели судбина со многу луѓе, странци, без документи. Животот им ,,виси на конец,,. За да преживеат, собираат боровинки.

-Добивме виза да работиме една година. Најдов фирма од хортикултура, која ми обезбеди сместување во Прага. Добредојдено ми беше оти бев финансиски слаб. Ме прими стопанот. Му кажав дека сум работел во Франкфурт. Се адаптирав лесно. Ја познавам струката. Чесно работев. Тргна животот и таму – се потсетува Петревски.

Не е лесно во странство, ама  Стеван е прифатен добро од сопственикот на фирмата, иако колегите не биле сите добронамерни. Некои го провоцираат. Му се жали на стопанот, му ја кажува маката дека е дојден  за работа, а не за провокации. Разбраниот стопаним дал отказ на провокаторите, оти му е потребен вреден човек, како Стеван, кој е посветен на занаетот со живите огради, градините, дворните места, цвеќарството…

-Бев во Германија и ја видов разликата со Чешка. Различен е менталитетот што се гледа низ работата. Ми се допаѓаше тоа што Германците навреме стасуваат, и со добар квалитет. Перфектно. Чесите се зафаќаат со многу работи истовремено и не го достигнуваат тој квалитет. Затоа имаше рекламации. Работата треба да се заврши, а не помини-замини – смета Стеван.

Пред пандемијата, по 19 години, се враќа во Прилеп. Куќата ја продава и живее под кирија. Значи, пак се подготвува за пат. Иако е пензионер со 67 години, желбата за преселба не мирува.

-Сакам да одам во Србија, според песната ,,Судбина ме на пут шаље,,. Таму многу ме почитуваат. Имам големи пријателиво Бачина, кај Крушевац. Мало, но многу богато место. Како гратче е со продавници, кафеани, амбуланти… По кафеаните не ме оставаат да платам. Во моја чест пеат македонски песни. Таму сакам да проживеам – заврши Петревски.

Стеван надолго и нашироко раскажува. Вели дека книги, романи може да се напишат од сé што има видено. Таков е животот, како што вели ,,Треба да излезеш, па да видиш,,.

1

Имав жена Чехинка

-Во 2004 година зедов за жена Чехинка. Тања се вика. Имаше син и ќерка. Се венчавме во замок. Беше свечена церемонија, со градоначалникот присутен. Потоа во хотел бевме на игранка. По осум години, се разделивме на убав начин. И ден-денес имаме контакти. Сега сум сам, со неостварена желба пак да бидам во брак.

2

Чесите знаат за нашата историја

-Верник сум. Ја посетував црквата Свети Кирил и Методиј во Прага. Многу убав храм, масовно посетен од домашни и странци верници. И за Чесите Денот на светителите е голем празник. Знаат дека светите браќа се од Македонија. Знаат детали од македонската историја. Во нивно списание пишуваше за комитите македонски, за нивните херојства.

Loading