ЗБОГУМ НА УМЕТНИКОТ

Tosheski go kreira Tose vo mozaik

На 19 март на 56 годишна возраст, како последица од Ковид 19, почина Ристо Тошески – Туло,  авторот на мозаикот ,,Солза,, со ликот на Тоше Проески во центарот на градот. Прилепчани го знаат, освен како наставник по спортски активности во ОУ ,,Гоце Делчев,, и како мултиталентиран човек полн со ентузијазам и градител на уметничкиот комплекс Света Злата Мегленска на улицата ,,Петта прилепска бригадa,,.

КАМЧЕ ПО КАМЧЕ БЛЕСНУВА ЛИКОТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ

Вредните раце на Тошески неуморно творат скапоцени дела

– Денот и животот ми е прекраток за да ги реализирам идеите и скиците кои ги имам в глава. За мене уметноста е благослов и казна за уметникот.

Со камчиња – мозаик, се создава ликот на Тоше во прилепската населба Марино Маало. Авторот е Ристо Тошески на 45 години. Професор е по физичко воспитување. Самоук уметник, кој кога твори има чувство дека делото еднаш го работел. Уникатен трагач по нови начини, форми, идеи и содржини на уметност. Носи многу идеи и богатство на дела.

Хармонија на уметнички техники

-Се инспирирам и никогаш не се повторувам. Затоа секој го бендисува моето дело. Единствено е – вели Тошески, кој експериментира со повеќе техники.

Работи со бакар, резба, камени мозаици, фолија, по малку и слика и, што ли уште не.

– Некогаш ги спојувам во едно дело сите техники со чувство да се создаде хармонија. Правам и уникатен намештај – забележува Ристо, на кој 25 години во рацете му “заигруваат” разни глета, чекани, клешти, но и многу упорност, љубов, труд да се создаде макотрпно едно дело.

Полетно, со исполнетост и многу, многу љубов креира исклучителни дела.

{AG}643/risto{/AG}

– Секој слободен момент творам. Од сонот скусувам и не се жалам. Станувам рано и легнувам доцна. Денот и животот ми се куси да  ги остварам идеите и скиците во главата. Уметноста е благослов и казна за уметникот, богатство и фалба за оние кои ги продаваат и поседуваат нивните дела – кажува уметникот, кој за себе вели дека е македонски Дон Кихот.

Камен мозаик на Тоше

Вели дека ,,удира,, в ѕид 15 години, собирајќи и носејќи камења, природни – белутраци, гранити… Го овековечува на мозаик од камчиња ликот на Тоше заедно со ангел. Мозаикот е 2.5х3 м. Само ликот е 1,50 метри (колку врата).

– Во овие 20 години единствена светла точка беше Тоше. Секој уметник треба да остави мал белег за тошевото постоење. Една година, со велосипед собирав материјал – полуобработени мермерни, гранитни и други камења во разни бои да го создавам делото. Секојдневно редам камчиња, 10х10 см. во мозаикот. Ги обработувам сам. Рачно ги кршам и се различни по големина. Тоа е убавината. Ако се исти, се кич – рече Тошески.

Желба му е побргу да го заврши делото. Му треба малку помош во материјал од луѓето и фирмите. Уште една година и каменот ќе “прозбори”. Не е одлучено каде ќе се подари многу труд и љубов.

Силна порака на резбите

Тој е и резбар. На оревовото дрво, со дарот за уметност создава прекрасни и единствени дела со световна порака. Резбите зрачат со ликови на светци, настани световни на кои се чувствува виталност и оригиналност на ликовите. Од надарениот уметник ,, извираат,, дела, работени со ентузијазам и волја, дела кои го говорат јазикот на љубовта и надежта. Блескаат со посебна визија и порака која ја шират околу себе. Плени мајсторството на Ристо. Трпеливо многу блиску до оригиналното го доловува делото. Најчесто работи по порачка. Прекрасна е девојката направена на дрво со пресована фолија. Ја нарекол “дајте му шанса на животот”. За уникатно дело. Ристо не крие дека е ,,моќ за содавање,, можеби наследено од татко му кој бил дограмаџија со посебно чувство за уметност.

– Горд сум со моето дело, каменото црквиче “Злата Мегленска” на улицата ,,Петта Прилепска… Насадив и 40 дрвца во Марино маало – вели Ристо.

Уметничката душа ја покажал и како драматург. Објавил две драми, член бил на Друштвото на копаничарите на Македонија. Имал четири самостојни изложби и 10-15 групни изложби.

Семејството го поддржува. На сопругата Соња единствено í пречи што многу растура. Понекогаш и таа му помагала.

– Знам грубо да резбарам, но не ме бидува за финеси. И синот резбари, но нема дарба да го смисли и нацрта делото – кажува Соња.

,,Уметникот од нашето сокаче,, има подршка и од комшиите да ги реализира своите замисли. Желба му е и да има некој од своите да го наследи. Да остане традиција.

(ЗЕНИТ бр. 19 од 5.9.2008 г.)

СОЛЗА ЗА ЅВЕЗДАТА

Мозаик висок пет, а широк три метри, посветен на ликот и делото на големата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, од уметникот Ристо Тошески беше поставен крај Арт плоштадот за пет годишнината од неговата смрт. Во форма на солза е мозаикот, од кој извира вода со езерце во кое ќе се отсликува ликот на пеачот. Комплексот го симболизира животот на Тоше, творештво и хуманите активности. Многубројните почитувачи велат дека ова спомен обележје ќе биде ново место за дружба и светилиште на младите од земјава и странство.

Прилеп му оддава достојна почит со грандиозно дело.

(ЗЕНИТ бр. 227 од 18.10.2012 г.)

МЕГА ЗЕЛНИК ЗА ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА

Со зелник од две метри квадратни, замесен од неколку домаќинки од Марино маало, се одбележа празникот Света великомаченичка Злата Мегленска. Стотина жители со верски обреди се поклонија на маалското светилиште.

Организаторот на славата Ристо Тошески изјави дека местото прерасна  од маалско во градско обележје, мал храм, зашто жители и од други населби доаѓаа на поклонение.

– Со маалските другари и пријатели го градевме десет години да стане печат, божја куќа, на светицата, почината во големи маки, сечена на парчиња. Големиот празник го одбележуваме со огромен зелник, што го симболизира мачеништвото, непокорот и нескршливиот дух. Просторот се облагороди со паркалис и други верски елементи. Секоја година сé повеќе се претвора во светилиште, посветено на Злата Мегленска, каде жителите палат свеќи за здравје – вели Тошески.

(ЗЕНИТ бр. 128 од 31.10.2010 г.)

Loading