МОЌТА НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА

ivce1Силна е моќта на телевизиите. Во врска со јазикот (јазичните грешки) силно е влијанието врз обичните луѓе. А тие пак, обичните луѓе, цврсто веруваат во она што го слушаат. Веруваат дека јазикот што го слушаат мора да е точен и така прифаќаат сé што слушаат. Пред извесно време се случи еден интересен настан. Еве сме е принуди да го опишеме.

Многупати сме се изјаснувале за изразот ,,така да,,. Грешка е тоа. Тоа е само неуспешен и непотребен превод на српското ,,тако да,,. Неуспешно помакедончување е тоа. Во принцип, тоа не значи ништо, служи само како помагало, како некаква потпирачка во моменти кога говорителот нема изразни средства. Но, ако веќе се употреби, македонската форма е ,,така што,,. Не е  ,,така да,,. Тоа ,,така да,, го слушаме необично често и луѓето го прифаќаат масовно. Го користат и новинарите, презентерите, особено политичарите. Обичните луѓе го слушаат и го прифаќаат како точно. Рековме, пред некое време бевме сведоци на интересен настан. Се зборуваше за тоа, дали се почитуваат пропишаните протоколи, дали се носат маски и дали се носат правилно. Новинарката прави анкета. Анкетира случајни минувачи. Прашањето е во врска со маските. Не можеме точно да ги цитираме минувачите, но ќе се обидеме колку што е тоа можно. На прашањето дали луѓето носат маски, анкетираниот одговара, велејќи дека се носат маски, но повеќето под брада,  ,,така да,,… И завршува коментарот. Вториот соговорник: ,,Некои носат, некои не носат,, – така да… Третиот зборува за ситуацијата во јавниот превоз, во автобусите: ,,Повеќето носат, но има и такви кои не носат. Ако им речеш, може да добиеш и ќотек, – ,,така да,,… Вака завршуваат коментарите на првите тројца анкетирани, со неизбежното – ,,така да,,.

Ќе одбележиме уште еден случај со кој сакаме да го потврдиме силното влијание од телевизиите. Кај нас, во нашата комуникација, никогаш не бил карактеристичен поздравот – ,,Имајте убав ден,, или ,,Имајте пријатна вечер,,. Тоа е императивна форма од помошниот глагол ,,Имајте,,. Тоа е заповеден начин. А добрите желби, поздравите, не можат да се испраќаат со заповед, со наредба. Наместо – ,,Ти пожелувам убава вечер,,,  ние слушаме наредба – ,,Имајте,,. Нелогично, неправилно, но тоа го слушаме редовно. И… што беше зборот? Да! Се среќаваме со извесна госпоѓа од соседството. Вообичаен разговор, вообичаени прашања за здравјето и на крајот госпоѓата вели – ,,Поздрави си ги сите дома и имајте убав ден,,. Пред многу блиско минато, таа жена, обична домаќинка, никогаш и не помислувала да употреби таков поздрав. Еве, како сите ние, и таа гледа телевизија и сака да биде ,,модерна,, и ете ни наредува да имаме убав ден. Таа и никогаш не помислувала за јазичната проблематика. Едноставно, слуша од телевизиите и го прифаќа тоа што го слуша.

Уште еден интересен случај. Голема продавница. Касиерката, откако го врати кусурот, вели – ,,Имајте убав ден,,. Тевна беше, си зедовме слобода да í речеме дека е убаво тоа што е учтива и љубезна со муштериите, но таквиот израз е погрешен. Би требало: ,,Ви пожелувам убав ден,,. И објаснивме така и малку пошироко. Се заблагодари. По неколку дена, во истата продавница, но на другата каса. Има две каси. Плаќаме, ги собираме артиклите, но погледот ни е насочен во другата каса, односно во касиерката која пред некој ден љубезно не поздравуваше. Малку и се подзадржувавме подолго со пакувањето. Сакавме да видиме како ќе се однесува односната касиерка. Слушаме, на сите муштерии (успеавме да слушнеме на тројца), откако ќе им наплати им вели – ,,Имајте убав ден,. Нашата сугестија од пред некој ден, не била успешна. Поавторитетно í звучи она што го слуша од телевизиите. Можеби на продавачките така им е сугерирано од управата. Да бидат љубезни со муштериите. И тоа е убаво. Но, ако не знаат како да ја манифестираат љубезноста, еве, тука се телевизиите, па ќе научат. Точно во моментов слушаме на една од нашиве телевизии некаква реклама. Слушаме и поздрави. Извесна госпоѓа се обраќа на потенцијалните купувачи и вели: ,,Имајте прекрасен ден,,.

И што можеме сега? Ништо! Беспомошност. Ајде, ви пожелуваме убав ден на сите.

Loading