ПОВЕЌЕ УМРЕНИ, А ПОМАЛКУ РОДЕНИ ВО ПРИЛЕП

Прилеп има негативен природен прираст. Помалку родени, а повеќе умрени имало во октомври, ноември и декември лани. Ваква е состојбата во четвртиот квартал во сите пелагониски општини.

Во последното тримесечје од 2020  во Прилеп починале 473 лица, а се родиле 142 бебиња, со што негативниот природен прирас е 331. Склучени се 86 брака, а се развеле 17 двојки. Прилеп е ваднаш зад Битола. Слично е и во Крушево. Се родиле 27 бебиња, а 60 лица починале. Природниот прираст е -33. Се склучиле 5 бракови, а се развела една двојка. Негатива бележат Демир Хисар, Македонски брод, Могила.

Поразителни бројки објави Државна статистика за природниот прираст во земјава за последниот квартал од 2020 година, кога  бројот на починати е речиси 9500 и е двапати поголем од родените. Во последните три месеци има двојно повеќе починати од истиот период во 2019. И во останатите квартали од лани имало негативен природен прираст, но бројките се неколкукратно помали. Во првиот квартал имало 910 повеќе починати од родени, во вториот 468, во третиот квартал 278 повеќе починати, а  последните три месеци од 2020,  бројот на починати е за 4530 поголем од бројот на родени.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2020 година, во споредба со истиот период од претходната година, е зголемен за 4.8 отсто и изнесува 4 935 живородени деца. Како последица на КОВИД-19 и задоцнувањето на извештаите од одделни матични подрачја од претходните квартали, бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2020 година бележи раст од 89,1 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 9 465 лица, а од нив 12 се умрени доенчиња.

Loading