ТЕРМОЕЛЕКТРОЦЕНТРАЛА НА БИОГАС ЌЕ НИКНЕ ВО ДУЈ ГАС

Mapa

Во Ново Лагово на 7,5 хектари планирано е да се изгради термоелктроцентрала на биогас која ќе користи обновливи извори на енергија. Членовите на општинскиот совет изгласаа урбанистички план за вон населено место за градба на Е2-комунална супраструктура – градби за производство на енергија термоелектроцентрала на биогас и сообраќајно регулирање на крстосница со регионален пат Р1107, на место викано Дуј Гас, КО Ново Лагово, за планскиот период 2020-2030.

Владата во септември даде согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште со површина од 68242 м2, ниви и пасишта од 3,4 и 5 катастарска класа. Претходно во февруари општината одлучи дека не е потребно да се спроведе стратегиска оцена, бидејќи немало да има негативно влијание врз животната средина. Во јуни се организираше јавна презентација и анкета за предложениот урбанистичкиот план. За реализацијата на планот како аргумент за оправданост се наведува порастот на животниот стандард и културата на домување со обезбедување на поквалитетни услуги за снабдување на домаќинствата со електрична енергија со квалитативно и квантитативно подигнување на комуналната опременост на станот.

Изградбата на термоелектроцентралата на биогас, покрај позитивното социо-економско влијание на општината, ќе овозможи нови работни места, стимулирање на развојот на другите дејности, зголемување на приходите на локалната самоуправа и подобрување на комуналната инфраструктура и уреденоста на просторот.

Термоелектроцентралата како погонско гориво ќе користи биогас, односно гасовито гориво добиено од биомаса. Всушност, биоразградувачкиот дел од продукти, отпад и остатоци од земјоделски (растителни и животински) супстанции, шумски и други индустрии, како и биоразградувачкиот дел на индустриските и комуналните отпади.

Loading