ПАРИ ЗА ЗАТВОРЕН БАЗЕН И ГРАДИНКА

Прилепското ,,ќесе,,  в година ќе тежи 23 милиони евра

Буџетото в година ќе тежи 23 милиони евра. Ова е проекцијата на локалната каса на која дадоа виза членовите на советот на онлаин седницата. Тој ќе биде помал за 8.21 отсто во споредба со годинава. Приходите на основниот буџет се проектирани на 547.6 милиони денари со пад за 13 отсто во споредба со годинава.

За основното и средното образование се планирани 679 милиони денари, за социјална заштита на деца и стари 137 милиони, за Градската библиотека 11.4 милиони, а за противпожарната заштита 26.2 милиони денари.

Капиталните проекти се 255.4 милиони денари, од кои 114 милиони за градба и реконструкција на улици и локални патишта, тротоари и пешачки патеки, зимско одржување и заштита и за одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патиштата. 46.7 милиони денари се за затворениот базен, 44.5 за детска градинка, 30 милиони за реконструкција на Старата чаршија, 41.8 милиони за одржување на паркови и зелени површини, и средства за изградба и реконструкција на јавното осветлување, урбанистичко планирање, набавката на автобуси за градскиот превоз, изградба на системи за водоснабдување, фекална и атмосферска канализација и изработка на проектна документација од нискоградба и високоградба.

За борба против загадувањето на животната средина се 6.5 милиони денари за субвенционирање на инвертор клими за греење на домаќинствата, електрични велосипеди, мопеди и моторцикли. Ќе се субвенционира замена на азбестни табли од покривните конструкции на згради, со енергетски штедливи материјали.

За спортот се предвидени 4.5 милиони и 53.3 милиони денари за финансиска стабилност на јавните комунални претпријатија.

Во бизнис секторот ќе се вратат 4.2 милиони евра, кои ќе дадат дополнителен импулс во заживувањето на локалната економија.

Loading