ЕМ ПРАКСА, ЕМ НАСТАВА ВО ФАБРИКА

СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,,      

Две паралелки од СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,, се вклучени во проектот дуално образование по германски терк. Осум ученици за техничари за индустриска мехатроника и тројца за производно машинство, покрај редовната настава, следат практична настава во компаниите Витаминка, Гентерм и ВИК.

-Ова е втора година од дуалното образование за други 18 ученици од двата профила, кои од лани и практично се образуваат во прилепските компании – вели директорката на СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,, Билјана Трајкоска.

Остварувањето на проектот е во организација на Делегацијата на германското стопанство во земјава, поддржан од Министерството за образование, Центарот за средно стручно образование и обука и Бирото за развој на образованието.

– Иницијативата за дуалното стручно образование е на компаниите. Програмата ја управуваме и ја насочуваме соработката меѓу компаниите и училиштата. Компаниите многу инвестираат воо работна сила, во персонал. Интерес им е да им понудат добри услови за работа на кандидатите и да ги задржат обучените ученици – вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

Претставниците на Делегацијата им подарија на учениците ранци со училишен прибор во знак на успешен почеток на учебната година. Учениците ќе добиваат и месечен надоместок од компаниите каде ја изведуваат практичната обука.

Во проектот годинава се вклучени седум средни стручни училишта од седум градови во државата.

Loading