ВРЕДНО МИНАТО СО СВЕДОШТВО ЗА ПОСТОЕЊЕТО

CIMG3110Душко Апостолоски (43), колекционер на стари фотографии

– Најдов фотографија од Гоце Делчев како питомец на академијата во Софија на крајот од 19 век на која Бугарите не можеле да го одгатнат

-Јапонски амбасадор во 1943 година го посетил Монополот во Прилеп

Најинтересниот период за колекционерот на стари фотографии Душко Апостолоски (43) е крајот на 19 век до крајот на Втората светска војна во Прилеп и прилепско. Неговата збирка брои над илјада фотографии. Вредни и единствени се од Гоце Делчев со кои непобитно се докажува неговото потекло и минато. Од дете бил инспириран да собира стари фотографии. Поводот бил интересот за историјата, особено прилепската. Мотив биле некои мистериозни случаи и настани, како и некои личности од прилепско зад кои лежат контраверзии.

120332588 258050028793682 3864408790906319600 n

– Ми лежат фотографии од комити, војводи, чети, партизани, одреди. Ме интригираат некои недоволно јасни моменти од минатото, како Илинденското востание. Ми предизвикуваат интерес и фотографии со ликови од некоја позната стара прилепска фамилија. Колекцијата е создавана околу 30 години. Кога ја гледам фотографијата, ми изгледа како замрзнато време. Тоа ми предизвикува восхит. Зад секоја фотографија се кријат некакви настани, ликови кои оставиле или не оставиле печат на едно време. Ги одгатнувам по заднината на фотографијата, по облеката на ликовите. Располагам со доста слики од печалбарите меѓу двете светски војни, со слики каде нашите прилепчани работеле на пругите во Америка, во фурни, фабрики, во топилници. На заднината често се најдуваат интересни стории кои го враќаат времето назад и сведочат за претците на едно семејство. Во дел од нив пишува Македонија, иако формално не постоела македонска држава. Некои се легитимирале како Македонци. Во дел од картичките, текстот е напишан на кирилица со чист македонски јазик. Овие фотографии се интересни за историчарите и аналитичарите на ова време. Дури и еден историчар од Скопје дојде да ги види на лице место. Димензиите се различни од 5х3 см. до 50х40 см. Тие се картонски фотографии. Правени од прилепски фотографи, како од Фото зрак, Фото Димкар… Некои се од познатиот бугарски фотограф Карастојанов со студио во Прилеп. Бил фотограф на српските и бугарските кралеви и цареви. Една негова фотографија е со семејството Лепавцеви од Прилеп. Наајстара е оригинална од 1886 г. Ги информирав потомците. Беа изненадени –  вели Душко.

120364222 253797699293250 8628247180109479693 n

Вредноста се мери во оригиналноста и единственоста. Вредноста се врзува главно со попознатите револуционери и војводи. Тие се највредни и најценети. Се определува според историското значење. Најпознати се сликите на Пере Тошев, Ѓорче Петров, Катил Ѓорѓи, Јане Сандански, Милан Ѓурулков… Од Толе Паша досега нема фотографии, оти тој не се сликал. Некои можеби немаат вредност, но се значајни за нашата наука и историја.

– На интернет се вртат оригинални фотографии кои се продаваат по баснословни суми. Се бараат два милиони евра за слика со Гоце Делчев, Пере Тошев. Некои се 500 евра. Не е битна цената, битно е да ја види јавноста, бидејќи тежи, носи научна вредност. Сум открил 20-тина револуционери, Ѓорче Петров, Катил Ѓорѓи, Димитар Чкатров, војводата Веле Марков, Никола Карев, Христо Узунов, Никола Караѓулов, Трендафил Думбалов, Гермов Шакир Војвода, Петар Ацев, Јордан Бомбол, Тодор Александров, од битката на Ножот, досега необјавена фотографија од Александар Турунџев. Сликите или се купувани или ги има на веб страниците на бугарскиот архив. Од објавата на копиите на фотографијата ги најдувам ликовите. Од оригиналите имам од Катил Ѓорѓи, од Ченто… Во колекционерството влегувам да ги одгатнувам ликовите на некои револуционер. Тие се објавени, но ретко кој може да ги препознае луѓето на фотографиите. Откако ќе ги идентификувам ликовите, ги објавувам на мојата страница на интернет и луѓе кои се интересираат, ги преземаат и ги шират на интернет. Сум објавил 3 слики необјавени од Кузман и од Катил Ѓорѓи, Димитар Чкатров, братот на Јордан, стрелан 1945 г. Бил кмет овде. Оригиналите ги собирам преку интернет. Се продаваат на и-бај. Имам пријатели кои ги нудат или ги барам од Србија и од таму купувам. Бугарските колекционери не соработуваат со мене, бидејќи ги негираат македонските корени на некои револуционери и не сакаат да продаваат дел од нивните колекции. Најдов фотографија од Гоце Делчев како питомец на академијата во Софија на крајот од 19 век. Тие не можат да го одгатнат. Го препознав и стапив во контакт. Не сакаа да ја продадат. Сликата не е скапа, околу 15 евра, но не можам да ја купам, бидејќи не соработуваат со Македонија – објаснува Апостолоски.

CIMG3113

Почнал да ги заштитува сликите со негово лого, бидејќи без негова дозвола се шират низ разни портали низ светот.

– Ги позајмуваат, да не речам ги крадат и ги ставаат на бугарски сајтови каде дури и историчарите се фалат со некакви откритија. Така се случи некои необјавени слики на Васил Чакаларов, Иван Попов, Христо Стојанов, сликани во костурско во 1912 г. за време на балканските војни. Ја објавив, и другиот ден се пофали еден бугарски професор по историја, презентирајќи ја како сензационално откритие. Ликовите ги препознавам, бидејќи имам таква дарба, искуство што сум следел и гледал многу фотографии – вели Душко.

Најсподелувана фотографија е бомбардирањето на сојузничките авиони на Скопје од 1943 г. Сликата имала над 10 илјади споделувања.

– Дури отиде и кај Викиликс. Така ми се преземаат некои мои откритија на други сајтови. Ова е еден начин  на докажување на старите македонски корени. Интересна е фотрографијата од посетата на Прилеп на јапонскиот амбасадор во Софија, Акиро Јамаџи. Бил во Монополот во Прилеп. Консултирав историчари, од јапонската амбасада во Скопје, но никој не знаеше за ваков настан. Ми помогна историчар од Америка и грчки колекционер кој располага со 20 фотографии од оваа посета која минувала низ Скопје, Прилеп, Битола, Охрид и завршила во Солун во 1943 г. Располагам и со фотографија од ручекот во хотел Балкан во Прилеп – вели Душко.

На сликите има познати квинслинзи, Борис Бонев, Кирил Дрангов, Коста Црнушанов од Прилеп, Дамјан Крапчев.

CIMG3109

– Бугарскиот архив е најбогат. Располага со слики од сите периоди. Нашиот архив е посиромашен. Контактирам со колекционери од земјава и странство. Некои ме бараат за соработка во подготовката на некои книги, за фотографии од некој војвода. За збогатување на збирката, слики наоѓам на  пазарот за стари предмети. Ако некој постави стари фотографии и ми се допадне, ја купувам. Во антикварниците во Скопје има богати збирки, но се скапи. Досега не сум сторил ниет да продадам некоја фотографија. Вредноста не може да ја проценам. Можеби едно мало богатство. Имам фотографии и од 4-5 евра. Колекцијата никогаш нема да ја продадам, оти додека ја разгледувам ми се полни душата. Тоа ми е хоби и сметам дека одржувам некаква историја, поддржувам наука и откривам некои досега непознати настани и луѓе. Тоа ми е најголемото задоволство – вели колекционерот Душко Апостолоски.

Бројните фотографии грижливо се наредени во албуми кои ги чува заштитени од прашина и влага. Со нив легнува и станува. На компјутерот минува саати и саати на интернет.

ПАРТИЗАНСКИ КОРЕН

Неговата фамилија имала бурно минато, со богата патриотска семејна традиција, и по татко, и по мајка.

– Мојот предок, дедо по татко Иљо Апостолов е убиен во Тиквешкото востание 1913 г.  Бил убиен од српски војници. Неговиот син Трајко во Прилеп се оженил со девојка од семејството Чупаркоски.  Во 1943 г. бил осомничен дека убил двајца германски војници, оти не се вратиле во касарната. Командата наредила да се стрелаат 50 прилепчани меѓу кои и дедо ми. Пред да ги убијаат, се појавиле двајцата Германци пијани. Така се спасил мојот дедо Трајко. Имам и друг партизански корен. Другиот дедо Василе бил партизан. Се борел со балистите во кичевско и тетовско. Во неговата куќа се криела машината за пишување на Вера Циривири. Баба ми спасувала партизани и симпатизери на ослободителното движење при потрагата на бугарските агенти. 

Loading