ФОТОГРАФИИ „ИНСТАНТ СЕМЕЈСТВА – МУЛТИПЛИКАЦИЈА НА ЉУБОВТА“

Изложба на Роберт Јанкулоски

goto izlozba

Изложбата на фотографии ,,Инстант семејства – мултипликација на љубовта,, од фотографот Роберт Јанкулоски ќе биде отворена вечерва  од 20 часот во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,,. Ќе бидат претставени 15 фотографии со димензии 80х100 изработени на архивска, памучна хартија, на кои е пренесено авторовското видување за семејството и љубовта, за начинот на виртуелно живеење во денешно време.

Според Светлана Младенов, Јанкулоски бргу го освојува регионалниот и европскиот културен простор каде се афирмирал и издвоил со иновативни истражувања во проширеното поле на уметноста.

-Како мултимедијален уметник, визурната посебно ја насочи кон фотографијата и бројните можности во овој медиум. Низ интелектуалното размислување, со идејата како поттикнувачки импулс и јасен и прецизен концепт, го гради својот уметнички дискурс, препознатлив со спојот на историјата и современоста, минатото и сегашноста, меморијалното и актуелното, традиционалното и модерното, интимното и јавното, локалното и глобалното, регионалното и универзалното, емотивното и рационалното… Во концептуалното дело ,,Инстант семејства – мултипликација на љубовта,,, го истражува актуелниот општествен контекст на Скопје, градот во кој живее и работи, а кој е пример и жртва, на последиците од распадот на заедничката држава и формирањето на малите засебни самостојни заедници. Скопје, во визуелна и културолошка смисла вторпат за 50 години, доживеа судбоносна промена… Проектот е еден од најконтроверзните на просторот на бивша Југославија, изведени во последните години… Искористени се манипулативните можности на новите технологии во фотографијата и методот на инсценирање, сместувајќи луѓе (лажни семејства) во туѓ амбиент. Играта на лажното и вистинското, нивното преплетување, вкрстување и преклопување предизвикуваат збунувачка визија за стварноста во која тешко можат да се раздвојат веродостојните факти од манипулативните и измислените, како и да се спротивставуваат нивните значења – вели Светлана Младенов.

Сограѓанинот Роберт Јанкулоски, кој живее и работи во Скопје, дипломирал на ФДУ во Скопје. Магистирал на ЕСРА и е основач на Македонскиот центар за фотографија. Имал 36 самостојни изложби. Учествувал на многу презентации во земјата и во светот. Добитник е на неколку награди од областана визуелните уметности и филмот и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста од Министерството за култура на Франција. Професор и декан на ФФУ на универзитетот Еуропа Прима во Скопје.

Loading