ЗАМРЕ ЗАНАЕТОТ БЛИЗНАКОТ

Произведувал дрвени садови и делови за дрвени тркала за запрежни коли

bliznakot

Судбината на Стојан Близнакоски – Близнакот напишала загатлива и малку авантуристичка животна приказна. На 85 години не е пензионер, оти нема доволно работен стаж. Малку работел во државна фирма. Пред епидемијата, дел од слободното време го минуваше со пријателите во пензионерскиот клуб.

Работел во колективите со татко му. Но, никаде не било евидентирано работното искуство. Останал без пензија, оти не му се признавала работата. За да не седи со скрстени раце совладал занает. Обработувал дрво, изработувал  дрвени предмети. Но, годините го навасале и здравјето му попуштило. Физички тешко може да одговори на занаетот. Ставил клуч на домашната работилница. За да преживее, државата го алиментира со социјална помош од 6000 денари. И, задоволен е. Додуша и синот му помага.

Родителите на Близнако се отселиле од кривопаланечко и се населиле во селото Подвис кај Крушево. Таму се родил Стојан пред осум ипол децении. Со миграцијата дошол во Прилеп. И останал со семејството до ден-денешен. Од татко му наследил ,,златна белегзија,, како што своевремено се викало познавањето на некој занает. Се оспособил за мајстор за производство на дрвени предмети. Најпрвин со рачни или ножни алати за обработка на дрвото. Така се одржувал со семејството со години. Вадел леб и  жиевеел скромно, оти уште се одржувале запрежни коли со дрвени елементи. Сите делови за тркалата и другите елементи на ова превозно средство со коњи и волови се работеле рачно, со алатите.

– Правевме главини за тркалата, шпици и гобели. Најквалитетно дрво за главините беше брест. Тоа не пука и не се лупи, не се дели. Шпиците беа од дабова срцевина. Погоден материал за обработка, доста цврст. Гобелите беа од бука. Ги носевме кај колароковачките мајстори кај анот од Селчаните. Им ги продававме да ги состават дрвените тркала – вели Близнакоски.

kuhinjski-pribor3 original

Додава дека не за бадијала се вели дека од секое дрво кавал не бидува.

-Правевме склопци од корен од круша, дрвени предмети во кои овчарите и аргатите во полето носеа црвена сол-пипер. Многу е цврсто дрвото, како камен, и погодно е за обработка. Се дотеруваа деловите, капакот и садот да затвораат за да не се истури содржината при движење. Немаше пластични, стаклени или емајлирани кутивчиња. Такво беше времето пред половина век и повеќе. Од срцевина на дабот или оревот правевме садови за толчење на пиперки, лучници. Уште има такви стари дрвени садови, здрави, кои се во експлоатација. Не пука дрвото и по 50 години. Не се расцепува дрвото да истече маслото. Подоцна се ,,свртеме,, на производство на дрвени лажици, посебно мешалки за ајвар, поголеми лажици. Од зеленика ,,излегуваат,, најквалитетните, трајни со децении. Зеленика има околу Македонски Брод. Од таму се купуваа дрва, материјал. Тоа дрво е најдобро за рачки за мотики, секири, тесли, лопати дурии, казми… Сé се работеше рачно, со остри алати за длабење, стружење… Имавме мали стругови и други алати. Сега сето тоа го прават машини со електрични мотори. Старите алати никој не ги сака, оти се неупотребливи, односно не се ефикасни како машината. Плус, металот и пластиката, го заменија дрвото одамна – објаснува Близнакот.

Возрасниот мајстор е мераклија на планината. Такаречи до лани беше дел од планинарските експедиции на Картуш и другите друштва. Секоја недела ги ,,шпарташе,, кориите, горите, карпите и планините не само во Македонија, туку и во соседството. Сите македонски планини ги искрстарил. Се качил речиси на сите планински врвови, Пелистер, Кожув, Кајмакчалан, Кораб, во Албанија, Бугарија… Не бил во Грција, на Олимп, оти не го пуштале со лична карта. Немал пасош. Заради нарушеното здравје тагува за планините. Ниту се занимава дома со дрвенаријата. Месецот го врвисо државната помош и од домашната поддршка.

Татко е на двајца синови и една ќерка и  дедо на осум внуци.

p1120891-810x587

Loading