КИНЕСКИ ЅИД СРЕДЕ МАРИОВО

todor so soprugata caniste zid– Граден е за прошка на Бога.

– Ѕидот е долг 1500 метри, а висок 1,5 метри и широк 70 см.

Покрај препознатливото мариовско биено сирење и мариовските самоник круши од недопрената природа, малкумина знаат дека починатиот Ангеле Ангелески од селото Чаниште го прославил Мариово со градба на Кинески ѕид. Тој го оградувал својот имот со камења 10 години. Кренал ѕид долг 1500 метри, висок 1,5 метри и широк 70 см.

Чаништани велат дека Ангеле сонувал да го овековечи постоењето. Велел коските ќе ми скапат, душата ќе исчезне и потомците ќе заминат, а за постоење може да сведочи само вечниот камен. Затоа го меѓел имотот со илјада тони камен. Ископал бунари, засадил овошки, подигнал и куќа, трло и бачило за овците, насадил овошки… Вадел и носел камен од околината и градел. Стасал до 1500 метри ѕид. Ќе редел и повеќе, но го стасала болеста. Починал пред 30 години.

Син му Тодор, (и тој веќе починат), живеел в село. Секој ден се грижел за татковото наследство, за ѕидот.

-Не остави аманет, ама нема ден да не појдам да не поднаместам некој турнат камен, да не потсуредам да остане вечен потфатот од татко ми, кој го креваше ѕидот да памети природата – велеше 49 годишниот Тодор.

Пренесуваше дека селаните првин му се спротивставувале, но после го благословиле и охрабрувале да издржи во обраќањето на природата со чеканот.

-Не побегна од пустелијата в град, туку се инаетеше на преселбата на селаните. Каменот му беше божество. Сакаше да прави чуда, контра на моќта на каменот. Заедно со кутрата ми мајка Јованка, со српско потекло, татко ми не го градеше ѕидот да го дели од природата, туку да ја покаже вечноста на своите претци – велеше Тодор.

Раскажуваше дека татко му работел по каменоломи.

– Го влечеше Мариово. Се врати кога сите заминуваа. Се оддаде. Велеше дека ѕидот го прави за покајание кај Бога, зашто направил зулум на чебренскиот манастир Свети Димитрија. На сон му дошол светецот и му рекол да го спаси семејството. Требало да се мачи цел век и да изгради некакво здание. Наместо црква, умот му пресекол да прави ѕид. Тоа да биде божјо светилиште за прошка и молитва. Затоа направил невиден потфат со камењата. Изнемоштен, го наваса болест и го однесе на оној свет. Коските му се на селските гробишта, покрај дедо ми. Ќе го донесам кај ѕидот, кај неговиот дом. Тоа да е вечно почивалиште – кажуваше Тодор.

И Тодор го затерала мачна животна судбина и трагедија.

-Не сум арен со здравјето. Не знам, што е. Лежев неколку месеци во болница во Загреб во 1986 година, откако десетина работници нé вратија од Јалта по експлозијата на атомската централа Чернобил, во Украина, каде редевме плочки во хотели. Не се знаеше за експлозијата. Кога се расчу, нé однесоа на третман во Загреб. Оттогаш сум озрачен и не се чувствувам арно. Си дојдов дома на татковиот имот. Се оженив и живееме од овците, малку тутун и 50 евра инвалидска пензија – велеше Тодор, потомокот на Ангеле, градителот на Кинескиот ѕид сред Мариово.

Во селото Чаниште живеат неколку старци.

Loading