КРАЈ НА КАРАНТИНОТ – ВИРУСОТ Е УШТЕ ТУКА

Точно три месеци од првиот регистриран случај на коронавирусот во земјата, Владата на 26 мај ги укина најголем дел од рестриктивните мерки, што го опфаќаа и полицискиот час. Веќе нема забрани за движење. Се отворија и терасите на кафулињата и рестораните. Од 1 јуни престанува да важи мерката за работење од дома или за ослободување од работа, освен за хронично болните и родителите на деца до 10 години.

Во Прилеп заклучно со 27 мај, регистрирани се 211 заразени, а починати се 14 лица. На Инфективното одделение во болницата се хоспитализирани 14 лица, од кои 12 се позитивни на коронавирус. Во делот за изолација се наоѓаат двајца пациенти кои се негативни на КОВИД-19.

Од вчера почна таргетираниот скрининг за вработените во градинките во Прилеп, Крушево, Македонски брод и Кривогаштани. Тестирањето се спроведува по посебен протокол. Земањето на материјалите се организира по теренски принцип, односно со земање во објектите на градинките. Со тестирањето ќе бидат опфатени околу 230 вработени во градинките  за да се изготви протокол за работа на градинките и тие да се стават во функција.

Во Македонија досега има 2.039 заразени, од кои 440 се активни случаи, а се оздравени 1.470 лица.

Министерот Венко Филипче апелира на почитување на мерките. Тие остануваат на сила и ќе следуваат казни за непочитување.

– Да носиме задолжително заштитна опрема, често да се мијат рацете, и да се одржува дистанца од 1.5 до 2 метра. Вирусот е уште тука, да бидеме внимателни – вели Филипче.

Loading