ВЛИЈАНИЕТО НА НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ОД ПАНДЕМИЈАТА ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

Проф д-р Мирослав Гвероски,

gveroski

Економските кризи се познати во историјата на светската економија од динамизирањето на светското производство по првата индустриска револуција до денес. Истражувањата отсекогаш биле и денес се главен предизвик на економистите. Причините, последиците, движењата на макроекономските агрегати, мерките за решавање на последиците предизвикувале интерес како кај истражувачите и кај јавноста, поради тоа што последиците ги чувствуваат сите. Тоа се повторува и сега од почетокот на 2020 година со појавата на корона вирусот и неговото влијанија врз светската економија и поединечните економии. Последиците од оваа криза (ако уште може така да се нарече, бидејќи постои непишано правило дека се потребни два квартала за негативен раст на бруто домашниот производ, потоа да се констатира дека економијата влегла во рецесија) и денес се главен интерес на економистите од целиот свет, поради тоа што, како што вирусот се шири низ светот, така се шират и економските последици.

Економијата и медицината се исправени пред предизвикот како да најдат решение – лек за непознатиот причинител, за кого ниту едните, ниту другите знаат многу. И двете се млади науки и не знаат точно како нивниот истражувачки организам (човекот и економијата) функционира. Медицината се соочува со нов вирус, а економијата со нов вид на криза по последиците (економските шокови) како и нов сет на мерки. Имено, сите економски кризи наликуваат една на друга и се слични по движењата на макроекономските варијабили, а се различни по причините. Аналогно на тоа, и по политиките кои се преземале за нивно решавање. Сегашна криза, по причината, а и по потребните политики, не наликува ниту на една друга. Тоа ја зголемува тежината на решавањето на последиците, затоа што не може да се потпреме или учиме од ниту една претходна криза. Во што е разликата?

Оваа криза е целосно различна од другите по два елементи: прво, причината не е економска, туку е здравствена (појава и ширење на корона вирусот) и второ, се соочуваме со два шока – шок на агрегатната понуда (намалување на производството поради затворање на бизнисите – кафетерии, казина, обложувалници, ресторани, туризам, транспорт или помали приходи поради мерките за спречување на ширење на вирусот – индустриско производство) и шок на агрегатната побарувачка (помали приходи поради отпуштања од работа, можни намалувања на платите, помали даночни приходи (буџетот остварил 25 отсто помали приходи).

Зошто не можеме да се потприме на искуствата со претходните економски кризи? На пример, големата економска криза од 1929 -1933 год се карактеризираше со шок на понудата и појава на хиперпродукција. Решението беше во мерките за зголемување на агрегатната побарувачка (инвестициите со помали даноци и каматни стапки и државното трошење преку капиталните инвестиции). Кризата позната како нафтен шок од 1973/74 година се карактеризираше со стагфлација (стагнација на економијата и инфлација), а решението беше во зголемување на агрегатната понуда преку подршката на претприемништвото и малите бизниси. Последната од 2007/08 година  позната како финансиска криза беше со причина на финансиските пазари, а решенијата беа на страната на понудата.

Денес има опаѓање и на понудата и на побарувачката. Тоа создава проблем каде да се насочат решенијата или што да се поттикнува, понудата или побарувачката. Владите на сите земји преземаат мерки на двете страни. Ја подржуваат понудата (преку подршка на фирмите со бескаматни кредити или други мерки), а од друга страна ја подржуваат побарувачката (побрза реализација на капиталните инвестиции, подршка со фиксен износ на пари или кај нас актуелно минимална плата). Сето тоа е нормална реакција.

Што е друго карактеристично за последиците од пандемијата:

-Јасна предвидливост на последиците, (опаѓање на бруто домашниот производ, зголемување на невработеноста, опаѓање на извозот, намалување на даночните приходи, и сл). Тоа овозможува навремено дури и предвремено преземање на мерки, такашто последиците денес повеќе ги превенираме отколку што ги лечиме.

-Пандемијата (мерките за спречување на ширење) најповеќе ги погодуваат услужниот сектор (туризмот, транспортот, угостителството, спортот разонодата), поради забраните од контакти и надворешнотрговската размена (увозот и извозот) поради затворањето на границите, заради можно ширење на вирусот.

Втората карактеристика е особено значања за тоа колку се очекува економиите да бидат погодени од пандемијата. Ќе бидат толку погодени колку што овие сектори учествуваат во создавањето на бруто домашниот производ. Европската комисија предвидува пад на бруто домашниот производ во ЕУ за 7,9 отсто додека во Р Северна Македонија 3,9 проценти, а во некои земји и повисока. На пример Грција 10 отсто, слично би било и во Хрватска, Шпанија, Италија или во САД каде се е предвидува раст на невработеноста до 25 отсто.

Каде сметам дека во нашата економија треба да се насочат мерките за решавање на последиците од кризата.

1.Поголема подршка на агрегатната понуда, со паралелна поддршка на претприемништвото, малите бизниси (претприемништвото, креативноста и иновативноста се фактори кои досега решиле повеќе кризи, а секако ќе ја решат и оваа), а помала подршка на агрегатната побарувачка, бидејки несигурноста на иднината (повторен бран на вирусот) може да има негативен ефект, наместо зголемена потрошувачка, средствата да се чуваат односно штедат.

2.Намалените приходи во државниот буџет ќе се покриваат со нови задолжувања од меѓународни извори. Тоа би го зголемило надворешниот долг. Постои и опасност да се зголеме паричната маса и да се предизвикаат инфлаторни тенденции, доколку не се зголеми побарувачката (поради неизвесната иднина или продолжените мерки за заштита од вирусот, или можното намалување на платите во државната администрација).

3.Реформирање на услужниот сектор, преку преориентација на бизнисите или наоѓање нови начини за реализација на услугите, преку нивна можна дигитализација.

4.Стимулирање на отворање нови бизниси за супституција на досегашниот увоз, а кој е оневозможен поради затворените граници.

5.Спречување на подолгорочна невработеност, бидејќи тоа може да доведе до намалување на способностите кај работната сила и нивната продуктивност, а потоа потешко враќање на постојните работни места.

Овие мерки се само дел од неопходните и нивниите ефекти се несигурни, особено што нема да ја решат главната причина – вирусот и неговото исчезнување. Очекувам последиците да траат кратко време и од третиот квартал да се забележат подобрувања, особено што неекономските кризи (оние со неекономски причини) траеле пократко од оние со економски причинители, бидејќи кај нив упорноста на опаѓање на макроекономските варијабили е пократка. Имено, побарувачката не е намалена поради намалените мотиви, туку поради неможноста за нејзино реализирање од мерките за заштита на здравјето. Тоа бара реформирање на најпогодените сектори и промена во структурите на економиите, поддршка на претприемачите и долгорочно стимулирање на супституцијата на увозот.

Loading