ШТЕТА – ОТКАЖАНИ СВЕТСКИТЕ КУПОВИ И ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Воздухопловно моделарство:

-Клубот ,,Филфеникс,, одеше кон врвот на организациски и резултатски план

Simona Toseska Zoran Petreski i  Anastasija Pozarska

Сите спортови страдаат поради коронавирусот, а не е исклучок и спортското воздухопловно моделарство. Веќе навикнавме на чести меѓународни натпревари кои се одржуваа во градов, организирани од ВФМ и клубот ,,Филфеникс,,. Но, против природата не може никој.   

-Годинава беше планирана да биде најплодна – со најмногу обврски и со организација на повторно врвни натпревари. Во слободно летечки модели, ни претстоеја два светски купа, плус еден светски куп со дронови, а врв ќе беше престижниот Европски сениорски шампионат. За Европско пријавени беа 33 држави и очекувавме до 35-36, но дојде кризата и совреме ги известивме сите учесници дека сé се откажува. По толку голема желба, труд, жал ми е што излезе вака – вели ЗдравкоТодороски, директорот на натпреварувањата.

Европа е практично континентот каде се концентрирани врвните спортисти – светски и европски шампиони. Тие требаше да дојдат во Прилеп. При објавување на пандемијата прво ИОК даде насоки за внимателност при одржување на сите натпреврувања, а ФАИ (Меѓународната воздухопловна федерација) веднаш потоа истото го презеде и донесе одлука да се суспендира организацијата на сите шампионати и светските купови. Мораше се да се почитува и – ,,Филфеникс, даде официјална информација дека ја откажува организацијата. Светските куповикои се со 20-годишна традиција и Европското беа планирани за август, а Светскиот куп во дронови во октомври.

-Требаше да биде по четврти пат, по повод празникот 11 Октомври. Желба ни беше да биде на Градскиот стадион каде има подобри услови отколку на Могила. Потешка патека планиравме, а и поголема безбедност за гледачите. Прописите во тој поглед се мошне остри оти дроновите се движат со голема брзина со над 150 километрина час. Дисциплината се шири низ светот, а Македоионија е меѓу првите десет, со Прилеп. Ова го потврдува нашиот рејтинг, во ФАИ со респецт гледаат кон нас – задоволен е Тодороски.

Оваа, 2020, година требаше да се очекуваат плодовите од долгогодишната работа. Покрај на организационен план со врвот – Европското сениорско првенство, претстоеја и амбиции на резултатски план. Од клубот ,,Филфеникс,, е цела јуниорска репрезентација: Зоран Петрески, Симона Тошеска и Анастасија Пожарска. Кај сениорите се Симона Тошеска и прекалениот Диме Велкоски, покрај двајца од Витачево од Кавадарци –Гоце Јосифовски и Небојша Стошиќ.

-Вложивме во нови модели, за да се приближиме на технички план до конкурентите од побогатите земји. Со многу работа, тренинзи, не беше исклучено да освоиме високи пласмани, дури и медали. За јуниорите е ненадоместлива штета, затоа што ако првенството е по две години, тие како повозрсни не ќе можат да настапат – заврши Тодороски..

Меѓунардни натпревари ќе нема до крајот на годинава, Но, ако се подобрат условите преку летото, прилепскиот клуб ќе биде домаќин на Државното првенство и домашниот Куп.

Loading