РАБОТИМЕ СО ЕНТУЗИЈАЗАМ И ДВОЕН ДОПОЛНИТЕЛЕН НАПОР

dr Vesna Dabeska infektologД – р Весна Дабеска, спец. инфектолог во прилепската болница

-Секоја професија е тешка, но во континуиран притисок и ризик веќе два месеци се здравствените работници особено инфектолозите

 – Од почетокот на март се соочуваме со сомнителни пациенти со Ковид 19. Во Прилеп првите регистрирани позитивни пациенти беа на 24 март. На дежурство примив двајцата повозрасни и со коморбидитети ги упатив на Инфективната клиника во Скопје. Веќе се излекувани. Постојано носиме комплетна заштитна опрема пропишана од СЗО која ја менуваме при преглед на секој пациент. Работиме по посебни протоколи со голем ентузијазам и со двоен дополнителен напор. Бевме извесен период хендикепирани со еден лекар помалку, работевме тројца инфектолози и секој трет ден бевме на 24 часовно дежурство со еден слободен ден. Ги прифаќаме сите сомнителни случаи од Прилеп и од околината. Имавме голем наплив на пациенти кои требаше да се тријажираат, да се дифенерцира, на кои да им се земе брис, кои да се третираат дома или амбуланстки, а кои да бидат хоспитализирани. Имавме периоди според дневните извештаи и со 25 хоспитализирани Ковид позитивни. За среќа, сега бројот е намален.

Ковид 19 е нов вирус. Тоа е опасна болест и колку е поразличено од грипот?

Има повисока преносливост. Текот на болеста може да биде непредвидлив, вложување на состојбата за ден – два дури и кај претходно здрави пацинети. Над 90 отсто тешките форми на болеста се кај повозрасните пациенти кои имаат други заболувања, бронхијална астма, дијабет, срцеви заболувања… Не е засегнат само респираторниот тракт. Има мултиоргански опфат, кај 70-80 отсто од пациентите имаме нарушување на коагулацијата на крвта и се поставуваат на терапија. Тоа е голем процент за разлика од другите респираторни патогени причинители. 

Успевате да се справите со пандемијата?

– Работејќи по протоколите со навременото упатување на потешките случаи на терцијално ниво, се справуваме со состојбата. Има пациенти кои доаѓаат задоцнето, после 7 – 8 дена, иако имаат симптоми. За смртните исходи се работеше за тешка форма на болеста со АРДС, упатени на Инфективната клиника во Скопје, кои, и покрај тоа што беа третирани по сите протоколи, завршија смртно.  

Изложени сте на ризик и голем физички напор.

– За среќа, во добра кондиција сум. Немам никакви симптоми на болест. Физичкиот напор е голем. Моментно немаме заразен медицински персонал. Кај моите одам строго со маска, бидејќи се во поризичната категорија. Кратко се задржувам. Комуникацијата е сведена он – лајн. Не е едноставно. Другите социјални активности се исклучени. Го користам слободното време за одмор. За лична превенција користам витамини и минерали, престој на чист воздрух.

Граѓаните Ви се заблагодаруваат со аплауз. Како да се издржи?

Прилепчани треба да се дисциплинирани, да се придржуваат на препораките. Да се одржува хигиената, особено на рацете. Користење на маски во затворен простор, продавници, маркети, банки и други институции. Маските се за една употреба и треба да се фрлат веднаш, а не да се чуваат.

РАБОТИМЕ КАКО ТИМ

– Работиме тимски. Задоволна сум од ангажманот на средниот медицински персонал и од болничарите. За да успееме, треба тимска работа. Сите сме обучени за користење на заштитната опрема. Еден во тимот ако потфрли, целата работа може да тргне надолу. Зголемено е и нивото на хигиена во болницата, не само на персоналот, туку и на просторот. Имаме доволно дезинфекциони средства. Тоа е сосема друг начин на работа кој сметам дека треба да породолжи и понатаму, бидејќи вируси има и ќе има.

НЕПРЕДВИДЛИВОСТ НА БОЛЕСТА

– Покрај излекуваната 85 годишна пациентка за која беше објавено во јавноста, и имав два пациенти на 80 годишна возраст кои успешно ја пребродија болеста и со два негативни бриса заминаа на домашно лекување. Но, имав и помлад пациент кому наеднаш му се влоши клиничката слика и  беше на респиратор во Инфективната клиника, но сега е во подобрена состојба.

Loading