ПРИЛЕП ГО ВИДОА ИГРАЧИ НА РЕАЛ И БАРСЕЛОНА

Историја

Некогаш ретки беа можностите големите фудбалски ѕвезди да се видат на телевизија, а камоли непосредно, на стадион. На 10 октомври 1979 година се случи, за тоа време, фудбалски спектакл на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, каде се сретнаа младите репрезентации на Југославија и Шпанија. Мечот одлучуваше која репрезентација ќе биде победник во третата квалификациска група за да оди во четвртфиналето од Европското првенство. Претходно Југославија славеше во Шпанија со 1-0, дома го совлада Кипар со 1-0, а Шпанија одигра само 0-0 кај Кипар. На Југославија и беше доволен бод.

Прекрасниот сончев и топол ден им одеше во прилог на фудбалските љубители кои го наполнија стадионот. Иако беше среда. Многу работници предвреме заминаа од фабриките,  учениците избегаа од училиштата. За Југославија изборот на селекторот Иван Топлак беше: Ивковиќ (Динамо З.), Јанкович (Марибор), Гудељ (Хајдук С.), Милак (Сарајево), Воротовиќ (Будуќност П.), Гогиќ (Слобода Т.), Вујадиновиќ (Динамо З.), Бакрач (Будуќност П.), Сарајлиќ (Слобода Т.), Ковачевиќ (Слобода Т.), Пашиќ (Сарајево), а во вториот дел влегоа Котур (Борац БЛ) и Варга (Партизан Б.). Шпанија на селекторот Иглезијас излезе со фудбалери од Примера-лигата: Агустин (Кастиља, подоцна Реал Мадрид), Сабидо (Кастиља, Реал Мадрид)), Франсис (Бетис), Тендиљо (Валенсија, Реал Мадрид), Гарсија Кортес (Бургос), Бири (Сарагоса), Гвери (Сарагоса), Горчадо (Саламанка), Луке (Кадиз), Хоакин (Севиља), Анхел (Еспањол), а во второто полувреме уште Зуњига (Еспањол) и Кидон (Кастиља). Меѓу резервите беше славниот голман на Барселона, Зубизарета. Главен судија беше Матијас од Австрија.

Шпанците тргнаа офанзивно, а Југословените чекаа контри. Првото полувреме веќе беше при крај, но токму тогаш падна гол. Гвери се одлучи на удар од далечина и успеа да го совлада домашниот голман за 0-1. Во второто полувреме имаше напади од двете екипи. Драматични беа последните минути. Прво Шпанците погодија статива, а во 89 минута израмни Ковачевиќ за 1-1 и прво место за Југославија. По мечот публиката се собра пред излезот од стадионот за да ги види одблизу актерите. Прво заминаа судиите во црн мерцедес. Срдечно беа испратени домашните. Но невиден метеж имаше пред Шпанците да влезат во автобусот. Секој од нив исфрли по некој амблем или знаменце, за кое се водеше ,,борба,, меѓу прилепчаните кој да го грабне. 

Така, Југославија, без оглед на последното реми (1-1) со Кипар, влезе во четвртфиналето каде ја елиминира Чехословачка (на гости 1-1, дома 2-1), додека во полуфиналето непремостлива пречка беше СССР (на гости пораз со 3-0, дома со 0-1).

Loading