ГУСКАТА ЛЕТНАЛА ПЕЧЕНА

Дошол Итар Пејо од Мариово во Прилеп и минал крај една фурна. Бил изморен и гладен, та фрлил очи на тезгата која му замирисала на топлите сомуни, симиди и тави со разни печива. Слинки му протекле, а цревата почнале уште толку да му кркорат. На тезгата имало убава дебела гуска во тава. Мерак испечена. Не можел да се воздржи.

-Чија е гускава, фурнаџија? – прашал.

-Од кајмакамот – одговорил фурнаџијата.

-Како би било да се гостиме сега? – прашал Пејо.

-Че ме одери кајмакамот.

-Дал – не дал, да не губиме време. Внеси ја во одајата и земи еден топол сомун – наредил Пејо.

Фурнаџијата го знаел Пеја како шерет и го прашал.

-Кога че ја побара кајмакамот че му речеш дека гуската летна печена сосе тава.

Фурнаџијата се насмевнал и ја ставил гуската на синија. Двајцата ја растргнале на парчиња. Јаделе и се смееле. Фурнаџијата се стрелушил. Кој ќе му верува дека гуската летнала печена. Го испитувал Пеја како да се правда пред кадијата, оти кајмакамот че го тужи на суд.

-Кај кадијата че ме умрат од чотек, че ме судат да ја плајчм.

-Да се накркаме и че ја наредам.

-Грбо че ми го напра ко мево – се жалел фурнаџијата.

-Немај гајле. Влакно од гла нема да ти падни. Ја че бидам кадија. Новиот личи на мене. Изутрина отишол во Битола по анчето. Че се облечам во неговите алишта со чалмата. Никој нема да ме препознај. Ја че ти судам.

Пред ручек дошол слугата од кајмакамот, а фурнаџијата почнал да го трлка грбот.            

-Гуската летна сосе тава кога ја извадов од фурна печена.

Слугата се смеел.

-Ај не играј мајтап. Како можела да летни заклана и печена гуска?

– Се залепила за тавата и отиде в облаци.

-Че го кркаш копано. Туку извади ја и недопечена да ја однесам.      

 -Вистина летна. Така кажи му на ефендијата. Шо сака нека прај. Било таксират. Че му ја вратам.

Слугата му кажал на кајмакамот шо рекол фурнаџијата. Кајмакамот зоврел од лутина и го грабнал грбачот, та му отишол на фурнаџијата.

-Кај е гуската, бре ќерата? Како летна сосе тава? Че ти ги кршам коските, жими вера – рекол кајмакамот и замавнал со грбачот.

-Ефенди, шо сум крив ја?

-А бре, кај лета заклана гуска. Мене најде да ме мавтосуваш? Че ти ја потсечам глата на прагот – и продолжил мава кајмакамот.

Фурнаџијата избегал по улица, а кајмакамот го бркал низ ат пазар.

-Држете го, народе, држете, држете го…

Фурнаџијата низ добиците, му ја скинал опашката на едно магаре. Се загнал по него и стопанот од магарето. Понатаму фурнаџијата минал крај една маска на која јавала една анамка. Маската се потплашила, рипнала и ја фрлила анамката сосе малото дете што го држела в скут. Паднало детето на калдрмата и наместо издивнало. Се загнал и таткото од детето. Го бркале низ чаршија. Но, го заградиле од сите страни и само што не го фатиле, тој  влегол в џамија и се качил на минарето. Гонителите по него, а тој се нишал и паднал на едно десетгодишно дете и го смачкал. Најпосле го фатиле и го врзале. Го потерале кај кадијата.

Таму Пејо облечен во кадија. Никој не го познавал.

-Шо напрај фурнаџијата? – “о прашал Пејо кајмакамот.

Тој раскажал за гуската.

-Певземек го запукав со грбачот, та го дотерав да кажи како заклана, искубана, па дури и печена гуска да летне од тезга и тоа сосе тава?

– Ич можело тоа да биде? Кај е чопекот и едепсазот да кажи? Арно шо не си го одрал жив – рекол Пејо како кадија, а фурнаџијата се бранел.

-Летна, шо сум кабает.

Кадијата збеснал од лутина.

-Мене најде да ме мавтосуваш?

– Жими вера, жими бога, жими деца и здравје, летна, таман шо ја извајв од фурната. Таа, фрц, летна в облаци.

-Че видиш летна ко че ти удрат 25 стапа по фурнаџискиот газ, певземек ниеден. Уште играш мајтап – се заканил кадијата додека кајмакамот барал 50.

– Жими вера, и 150 че му удрат, ако не кажи со кого ја изеде гуската.

-Аир, никакво јадење, никакво крадење. Летна и летна, пред очи. И да ме обесиш, то е. Таксират. Че му купам на ефендијата гуска. Шо да прам?

Кадијатаја вртел со главата со зборовите.

-Чудна работа! Да видиме, шо вели читапот? Кај Алах се може да бидит. Бак, бак, бак, жити вера, и то можел да бидит. На 136 години ќе летне гуска сосе тава курбан на Алах. Има право фурнаџијата, кајмакам ефенди. Се погодила твојата гуска. Алах така заповедал! Тебе те милувал тој, сполај му, твојата гуска ја зел за ручек!

Кајмакамот ги собрал рамениците

-Нека биде по волјата на Алах, ко толку му бил ќефот во мојата гуска.

Фурнаџијата се окуражил.

-Сега кој че ми го плати чотекот?

-Че платит тој шо те тепал – кајмакамот.

– Ај кајмакам ефенди, дај една лира шо си го тепал фурнаџијата!

Кајмакамот се чудел.

-Таква е правдата.Читапот така вели – рекол кадијата.

Кајмакамот оставил лира пред кадијата и излегол.

Уште недоизлезен, Пејо и фурнаџијата бувнале од смеа.

-Ти велев да не се плашиш, оти Пејо мисли и за тебе. Земи ја лирата и пиј за мое здравје – реко Пејо.

Loading