„АРХИВ НА ДУШАТА“ – ЗБИРКА ОД ДРАГАН БРАЈАНОВСКИ

dragan brajanoski

Објавена е новата поетска збирка ,,Архив на душата,, од Драган Брајановски. Авторот не се експонира како пишувач на љубовна лирика, херојска патриотска поезија, хаику поезија, односно сé што му лежи на душата.

,,Бел ден,, видоа над 130 песни од циклусите ,,Молитва за љубовта,,, ,,Животна елегија,, и ,,Молчи молчи љубов моја,,.

Познавачите на поезијата го карактеризираат Брајаноски како мајстор на метафората, монах на лирата. Творештвото му се одликува со сугестивен израз и возвишена инспирација, со силен излив на родољубие изразени во татковината, слободата, прогресот…

Ставил потпис на книгите ,,Месецот ѕиркам,,, ,,Временски коридори,,, ,,Заветно вино,,, ,,Искршени ритми,,, ,,Струните на срцето,, …. и поемата ,,Златен дијамант,,.

Добитник е на награди на Мариовско-мегленските културни средби и за антологиска песна во весникот Трудбеник.

Еве дел од творештвото инспирирано од кризната состојба.

 

Архив на душата

Како пушка М-48 се загреа

во љубовен барут.

Како сауна ја запалив пред употреба.

Ја галев, ја палев.

Ја избрав јас нејзе, таа мене.

Празничен огномет под липите.

Колку свињи под дабовите – толку

љубов под липите.

Рака за рака трепериме

се зашеметивме, се струполивме.

Те барам.

А кога ќе те видам

Се правам дека не те гледам!

Те сакам – не те сакам.

Ја заборавив љубовта што ми создаде болка.

 

Прилеп

Под ѕидините на Маркови Кули

Во стихови го соѕидав Прилеп,

Убавината твоја.

Ти успеваш злите демони

Низ историјата губитници да ги направиш.

Љубовта во железен оклоп

И мермер ја затвораш.

Уметниците твои

На небото слики исликаа,

Во земјата ѕвезди посадија.

Тутунари во жолто те позлатија.

Се огласи радоста да те слави

И сред утро бело мермерно те милува сон.

Низ вени ти тече минатото

И смртта понекогаш до тебе на црн коњ јава

Но, никогаш никаде не те нашла

Иднината кон која патуваш

И никогаш никаде љубов не те запрела.

Ни омраза.

Останува Сонцето со мене од изгревот

Во минати стихови да те собира

Да велича некоја сегашност

И можеби само можеби

Некоја твоја иднина.

Loading