ПОЧИТУВАЈТЕ ГИ МЕРКИТЕ И СЕДЕТЕ ДОМА!

ELS 0733

Градоначалникот Илија Јованоски:

Почитувани граѓани на општина Прилеп, за жал ги имаме и првите 2 потврдени случаи на заразени со коронавирус во нашата општина. И како доктор и како градоначалник, се заинтересирав за состојбата на двајцата наши сограѓани и добив информација дека се во добра здравствена состојба и дека им е пружена адекватна здравствена помош.

Со ова, сакам да им дадам поддршка за побрзо оздравување, меѓутоа и да ги охрабрам сите оние кои имале и најмал контакт со потенцијални преносители, да се пријават за да можат надлежните здравствени работници побрзо да реагираат.

Тоа се наши сограѓани. Секому може да му се случи. Но, мораме да бидеме крајно внимателни и одговорни, и кон себе и кон другите. Меѓутоа, да не ги стигматизираме и обвинуваме, ами да ги поддржиме и охрабриме.

Сите сме заедно во борбата со ова зло, наречено коронавирус!

Од почетокот на прогласување на пандемијата со коронавирусот, општината Прилеп, општинскиот кризен штаб, јас како градоначалник, сите здравствени институции од градот, јавни претпријатија и други институции, презедовме низа мерки во насока на заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од нашата општина.

Постојано апелиравме, но апелирам и сега граѓаните да ги почитуваат и да се придржуваат на мерките на Владата, како и на препораките на Министерството за здравство и локалните мерки од општинскиот кризен штаб.

Кога веќе имаме 2 случаи со коронавирус во општинава, и кога сме соочени со можноста бројот на заразени во наредниот период да се зголемува, ја потенцирам потребата од одговорно однесување на секој поединец, на секој граѓанин од нашата општина.

Секој од нас да ја разбере сериозноста на ситуацијата и личниот придонес, кој треба да го дадеме во справување со коронавирусот.

Во таа насока, ги заостривме превентивните мерки во борбата со пандемијата.

ELS 0715

Ги засиливме контролите на автомобилите на сите четири влезови во градот, при што вршиме дезинфекција на секое возило. Во средата кога во Прилеп беше пазарен ден, од раните утрински часови се контролираше влезот и излезот од Градскиот пазар. На влезовите беа поставени средства за лична дезинфекција, а на пазарџиите и на граѓаните им беа давани заштитни маски. Со поголем интензитет се вршеше дезинфекција на улиците во градот. Истото ќе биде направено и во населените места во нашата општина.

Продолжува забраната за јавниот градски превоз, а од (четврток) затворен е градскиот пазар.

Почитувани граѓани, Почитувајте ги мерките за заштита и превенција. Бидете свесни за последиците од неодговорното однесување. Седете дома. Доколку имате симптоми типични за коронавирусот, најпрво јавете се кај вашиот матичен лекар. 

Јавното здравје е заедничка одговорност.

Од нас и од нашето однесување, зависи како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот во нашата општина.

ELS 0678

Loading