ЌЕ СЕ ЗАТВОРААТ ДУЌАНИ, ЧАРШИЈАТА ЌЕ ПЛАЧЕ СО ГОДИНИ

Анкета: Вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот како ќе се одрази врз трговците?

CIMG2995

 

Како економски ќе се одрази на занаетчиите состојбата со пандемијата на корионавирусот? Врз чаршијата, на малите бизнис, колку се моќни да издржат?

Ги прашавме прилепските трговци, пазарџиите…

trpceski9Кирил Трпчески – Претседател на занаетчиската регионална комора – Моментно никој не работи, бидејќи нема луѓе во чаршијата. Општата ситуација е паника, страв. Оправдано. Заради тие причини нема движење низ чаршијата. И да сакаме да работиме, нема со кого, нема движење. Второ, и ние на одреден начин мора да се заштитиме затоа што никој не знае кој е и што носи. И во Прилеп, секаде така почнуваат жариштата. Се појавуваат еден – двајца, и после кругот е сé поширок и поширок. Нормално е да се плашиме. За економските последици, ќе зависи од тоа колку ќе трае ваквата состојба. Ова ќе се чувствува не со месеци, туку со години. Ако потера неколку месеци, ќе крахираме сите. На никого нема да му биде лесно. Во старава чаршија 90 отсто се кираџии, а кириите течат, течат и обврските. Нормално е да не можат да ги издржат трошоците кои ќе ги направат овие месеци. Занаетчиската комора на РСМ достави официјално барање до Владата и Министерството за труд и до Фондовите за здравствено и пензиско осигурување да се пролонгираат обврските за овие неколку месеци како олеснување на занаетчиите. Меѓутоа, досега уште нема конкретни одговори од сите економски мерки на Владата. Можеби имаат приоритетни задачи, меѓутоа треба Владата да донесе мерки за помагање на занаетчиите и на сите мали стопанственици кои мошне тешко ќе го поднесат ова. Мора да опстои занаетчиството и чаршијата. Последиците долго ќе ги чувствуваме и нема да закрепнеме брзо.

AceskiАнгелчо Ацески – трговец – Преку 35 години сум во чаршијата, трговец со прехранбени производи. Ако продолжи оваа ситуација, многу тешко ќе биде за нас трговците. Прометот е паднат 90 насто. Тешко е, немаме резерви, не може да се издржи. Дуќаните се затвораат и ќе биде за плачење.

 

 

 

 

 

PetreskiМарјан Петрески – трговец на пазар – Досега доаѓаа пензионерите. Со новите прописи веќе заминаа до 11 часот. Штама. Тек-тук по некој муштерија, во среда, во пазарен ден. Немаме резереви на производи. Ова се земјоделски расипливи производи. Ама, кромид лук ни носат од Росоман. Има секогаш. Но, исчезнаа мутериите. Се плашат да излезат. Така и ние ќе си заминеме, иако сме обезбедени, работиме со маски и со ракавици. До кога ќе издржиме и како, никој не знае.

NedelkoskiДончо Неделкоски – трговец на пазар – Нужно е да се работи. Сите стравуваат. И пензионерите ги има сé помалку. Не трупаме резерви во производи. Може и пазарот да го затворат. Пред неколку дена вратите беа затворено поради дезинфекција. Така набавуваме мали количества. Се надеваме дека ќе помине до мај и ќе се вратиме на стариот начин на бизнис и живот, макар што последици ќе има.

Loading