ЦАРСТВО ЗА ЧАВКИТЕ

Полициски час

IMG 0097

Нема молк по 21 часот, по полицискиот час. Да, пиле прелетува. Илјадници птици, како во хоророт на Хичкок, ја параат градската тишина. Не е страшно. Чудниот мир им создаде амбиент за царство. Раат се башарат низ виулицата од пролетен снег. Одвреме-навреме ќе прелетаат изненадени од силниот Север што им ја поместува рамнотежата на гранките. Не се готовс да пребегаат од довчерашната силна бука на децибелите на музиката од кафетериите од чаршијата. Рај за птиците со црни пердуви.

По некој заскитан пес се провлекува низ паркот, душкајќи остатоци од храна од денските ретки минувачи. Мачките на куп низ чаршијата. Не се на штрек. Нема кој да ги вознемирува. Им кркорат цревата, оти никој не ги храни. Сами мора да обезбедат храна со лов на глувци или пак на гулаби по таваните. Поради отсуството на муштерии, дуќанџиите ставија клуч на вратите на пладне.

IMG 0099

Невиден спокој за град со над 60 илјади жители. Нема автомобили, нема граѓани… Пустелија од 21 до 5 наутро. Ретко минува и полициска контрола. Веројатно надзорот е насочен кон другите населби, а не низ центарот каде низ прозорците ѕирка промената на сликите на ТВ екраните со нови сознанија за динамиката на пандемијата. Дисциплинирани и совесни се прилепчани. Нужда или страв? Изгледа дека се мошне одговорни. Ги респектираат мерките за зачувување на здравјето. Седат дома со сите очи и уши, чекајќи оптимиситички информации, полни со надеж дека заразата што го окупира светот ќе го загуби здивот, дека ќе блесне животот со карактеристичните мајтапи, иронии, сарказми и курназлаци…, дека насмевките и радоста ќе се вратат на лицата, дека децата нормално ќе џагорат при движењето до училиштата, возрасните ќе се одмораат пред новиот работен ден, а пензионерите ќе ја пијат вечерната редовна доза на апчиња пред легнување… 

Дигиталниот звук на камбаната трепери низ мракот, разбиен со парковските светилки. Градскиот часовник отчукува десетпати, повредувајќи ја тишината и ноќната ,,песна,, на црните птици.

IMG 0100

Не е сон, денот ќе ја победи ноќта. Трпение, спасение.

Loading