ПИСМЕНОСТА ВО МАРУЛ

Фељтон: Томе Велјановски (40)

marul-1

Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, собрал записи и сеќавања и за писменоста во неговото родно село Марул. Во желбата да останат сочувани, спомените за периодот кога тој се образувал, ги поткрепува и со фотографии. Неговите белешки ги пренесуваме автентично, односно онака како што тој самиот ги прибележувал, со сите правописни и граматички пропусти.

Претходно, на страниците на неделникот “Зенит” тој пишуваше за лицата кои животот го положиле за татковината, за животот во селата Марул и Клепач.

dragica koteskaУчителката Драгица Котеска (Бутлеска) била многу задоволна со животот во Марул:

Стекнав голем број на девојчиња вредни и верни другарки, како Аргида и Славка, ќерки на служителот чичко Јован. Илинка, Алтана и Благуна Мурџески. Најденка и Траенка Колеска поготово Зора Илиеска (Јанкоска) кои ме научија да плетам чорапи, вермелина, да везам селски кошули, шајаци, ќурди, предници, раковцина, дартми и ред други работи.

Со Аргида и Зора се научив да правам селски мазник од печени кори на вршник. Корите ги печевме дома кај Аргида (Димитриовци) ќе ги однесевме на училиште, ги топевме во млака вода и ги редевме в тепсија. Ред кора, ред урда, изварка прилично да се наполни тепсијата повеќе од половина. Ја стававме во загреаното дрвено шпоре. Кога е готов, печен го вадеме, ќе го покриеме со хартија и ќе го завиткаме во цедило за да стои десеттина минути за да омекни. Ќе испржеме тава сланина со сушени селски колбаси. Зора имаше розово лисичино женско вино, ќе седнеме да јадеме, така вкусно, омекнат мазникот со месо и вино, нешто невидено ми правеше тоа јадење. Во недела се преоблекував во селска руба, со другарките излегував на корзо.

Се научив со Аргида на тезгере од гојдарникот и арско ѓубре, гнојо да фрлам. На сите куќни слави, селски свадби и првичиња бев поканувана со едно јаболко. Додека градските девојчиња за разлика од селскиот живот подруго го живеат. Тие девојчиња што го продолужуваат школувањето си ја гледаат таа работа, додека тие што не го продолжуваат школувањето помалце имаат знаење во работата од едно селско девојче.

Во есента 1953 година кога се женеше Мирко Павлески, Аргида ќерка му на служителот чичко Јован му беше нунка, ја носеше руглицата со едно јаболко накочено на врвот. Јас седев до нејзе сватица, отидовме сватови кај Секула Колески во с. Бонче, по невестата, ќерка му Нада со еден џип, еден трактор два пајтони, неколку запрежни коли , повеќемина вјавачи на коњи и многу пешаци преку брего бонечки. Во с. Бонче бев примена незамислено преубаво равна со нунката Аргида и седев до нејзе. Голема чест ми направија. Невестата ја венчаваа во подмолската црква Св. Димитрија. Додека се венчаваа младоженците Мирко и Нада со мој очи видов подмолци кај црквата донесоја едно буре со вино и ги честеа сватовите со бокали вино. Кога наближивме до с. Марул кога ги пуштија коњаниците за в село кој прв да стигни во дворот на Павлевци за да ја земат шамијата на свекрвата за да ја запалат. Тоа му успеа на Цане Јанкоски марулчанецот. Во дворо пукаа пушки, на свекоро му гори копата. Врие од радост и развеселен народ, таква свадба во градот немав видено, нема ни место за таква свадба во градот. Таа свадба за мене беше холивудски филм.

Со Аргида и Зора бевме на неколку селски верски слави кај нивните сестри во селата, пред се кај нивните сестри на Спасовден во с. Добрушево преоблечени во селска ношна. Нашето друштво се растури со нашето мажење во есента во 1955 година.

Кога се зедовме се преселив кај Славе во с. Подмол. За време на гроздоберот добивме 84 кошници полни со грозје. Наполнавме едно буре со вино. Обесивме грозје вешали на таванот, му ставивме на крајот на прачките свежи компири и грозјето се храни од компирите и имавме свежо грозје и по Божик.

Кога почна есента да се колат крмаците во Подмол од секоја куќа добивме по една ваганка свежо свинско месо поклон. Месото чичко Веле служителот го солеше во една дрвена каца и се наполни со месо. Стално имавме јадење со месо. Бевме поканувани на сите куќни слави во селото и на разни други гозби како на свадби.

Навистина бевме почитувани во селата Марул и Подмол како да сме тука родени и растени. Со Славе решивме и се преселивме во едно село во западните села на Прилеп. Село со многу домаќинства, никогаш не добивме како во Марул и Подмол кога ќе ни завршеше купената храна често пати бевме приморани да вариме чорба од сливи.

Голема беше разликата во хуманоста на селата од источниот со западниот дел на Прилеп. Ние немавме роднини во Марул и Подмол, поминавме незамислено убаво. Славе роден во западниот дел, ама традицијата не е иста, рече учителката Драгица Котеска Бутлеска, на крајот во разговорот. За нивното пријателство истото го потврдуваат нејзините неразделни Новаческа Аргија и Илијоска Зора.

ljube vuzeskiЉубе Вузески, учител во Марул

При крајот на април, во 1955 година, во местото Данчоврпче во марулското, сега е државно земјиште, учениците од четирите села марулските со учителката Драгица Котеска, подмолските со учителот Славе Бутлески лопатичките со учителот Блаже презимето му го заборавивме името заедничка екскурзија. Времето врвеше во раскажување стихотворби, пеење, рипање, играње фудбали итн.

После пладнина екскурзијата заврши, сите учители си ги прибраа учениците, си заминаа за своите села. Девојчињата, марулските ученички, имаше повозрасни, ја насетија вродената љубов помеѓу нашата учителка и подмолскиот учител. За кратко време нашата учителка и подмолскиот учител закажаа нова екскурзија на подмолскиот брег. Тука испеавме по една песна. Ние ја испеавме песната ,,Ко челик сме ние со титовски сили, Стив Наумов стој пред нас како штит, а додека подмолските ученици ја испеаја песната за Тодор Александров Нешто ќе те прашам бабо право да ми кажеш кои гости ти беа сношти на вечера. Јас прв пат ја слушнав и ја запишав. И ден денес не можам да сватам како можеше тогаш да се пее оваа забранета песна.

После пеењето на песниве, наставниците не однесоа во подмолската браненица и ни зададоа задача, ние машките да играме фудбал, а додека девојчињата да играат женски игри. Во играта фудбал на Методија Танески му пукнаа меѓу нозете пантоломите, направивме со ножот дрвена игла од сува чалија, украдиме врвца од опрегачот од Ѕана Сиџимоска и во долчето му ги закрпивме пантолоните и го пуштивме шпиун да види што ручек прават учителот подмолски и нашата учителка. Отиде Методија, се врати ни кажа дека печат колбаси, затоа во носињата ни доаѓа убава миризба.

Продолжува

Loading