БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ, СУБВЕНЦИОНИРАНИ ПРИДОНЕСИ И ФОНД ЗА ТУРИЗАМ

Владата и Народната банка со иницијален сет на мерки за погодените македонски компании:

– Бескаматни кредити од 3 до 30 илјади евра, субвенционирани придонеси за вработените, намалена каматна стапка за кредити, основање на фонд за поддршка на туризмот

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, ги објавија иницијалните мерки за поддршка на бизнис секторот во насока на амортизирање на штетите предизвикани со прогласување на пандемијата на коронавирусот – Ковид 19.

Вицепремиерката Царовска посочи дека покрај здравствените ризици, коронавирусот донесе и големи предизвици за светската економија. Таа трпи засега уште несогледливи негативни последици. И домашната економија нема да остане имуна на последиците од коронавирусот и должност  е на Владата час поскоро да донеси мерки на заштита и поддршка на економијата и компаниите.

– Првата мерка е директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, малите и средните компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Обезбедени се вкупно 5.7 милиони евра за кредитирање директно на  компаниите поради неликвидност, односно компании чија економска активност е погодена од коронавирусот. Кредитите се дизајнирани внимателно, да се поддржат што повеќе компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработените, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти! Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години. Со втората мерка се поддржуваат компаниите во исплатата на платите. Важно е да помогнеме да се зачува секое работно место – нагласи Царовска.

Според неа, ќе се субвенционираат придонеси за вработените во компаниите од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании за април, мај и јуни од 2020 година. –

-Субвенцијата на придонесите по вработен ќе биде до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во февруари од 2020 година и ова да важи од денот на користење на мерката, понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во 2020 година, до денот на поднесувањето на годишната сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот – нагласи Царовска.

Макроекономската состојба е стабилна покажуваат најновите податоци.

– Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75% ќе придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението – порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа накусо ги претстави мерките за ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција.

-Подготвена е предлог Одлука за управување со кредитниот ризик. Цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Тековно се прават консултации со банките – најави Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката потсети на препораката на Народната банка, заради заштита на јавното здравје да се избегнува користење и на денарска и на девизна готовина, а да се користат платежни картички, електронско банкарство или други алтернативни начини на плаќање.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, посочи дека сетот на мерки има за цел пред се да ја заштити ликвидноста и работните места на компаниите, односно да им помогне да се премости овој шок.

– Ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите. Во вакво време чесно е државата да се откаже од претплаќање на дел од данокот од погодените компании. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности, погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус – нагласи Ангеловска.

Дел од барањата на коморите било и намалување на каматите и некои парафискални давачки. Законската затезната камата ќе биде намалена за 50% во соработка со Министерството за правда. (од 10 на 5% и од 8 на 4% а ќе биде променет и периодот за кој се зема предвид референтната каматната стапка која ја пропишува Централната банка, за да има поповлни услови во услови кога референтната каматна стапка се намалува). Понатаму министерстото за финансии ќе ја намали казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%.

– Дополнително Министерството за Финансии и УЈП ќе даде препорака на провајдерите за намалување на цените за одржување на фискалните каси за 50%. Препорака ќе дадеме и на банките да ги намалат цените за плаќање на финансиските извештаи за ДДВ за прометот на сметките на фирмите. Ова се можеби навидум незначајни и симболични давачки, сепак го отсликува настојувањето на Владата да ја олесни оваа ситуација на секој можен начин за фирмите – рече министерката Ангеловска.

ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

Владата ги  замрзна цените на основните прехранбени производи и тоа, леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциони сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен на оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

– Во консултација со најголемите супермаркети и дистрибутери на храна и основни производи информирам дека има доволно залихи. Но, се реагира превентивно да не дојде до поголеми ценовни шокови – вели министерот Бектеши.

Министерството за економија ќе достави до Владата и предлог за 100 процентно ослободување од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти…

ФОНД ЗА ПОДДРКА ЗА ТУРИЗМОТ

На најголем удар е туристичкиот сектор поради откажаните аранжмани и тури од страна на граѓаните поради затварање на границите, но и поради откажување на летовите од страна на авио-компаниите. Како резултат на барањата на туристичките комори, ќе се поддржи туристичкиот сектор со 70 илјади вработени.

– Министерството за економија предлага сите средства предвидени за развој, промоција и поддршка на туризмот да се пренаменат во Фонд за туризам со цел да се обештети туристичкото стопанство да ја пребродат кризата во согласност со бројот на вработените. Овој Фонд за туризам во моментов се проценува на околу 74 милиони денари од кои 44 милиони денари се во рамки на програмите на Министерството за економија кои нема да бидат искористени, а 30 милиони денари се од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот – информираше министерот Бектеши.

Loading