СЕМЕЈСТВО ОД 17 000 ЖЕНИ

Blagica MiceskaБлагица Мицеска, администратор на фејсбук групата ,,Прилепчанки на кафе муабет,,

– Единствено да се нуди помош, а не комерцијален сегмент, е целта на затворената виртуелна група

Да се има ,,семејство со 17 000 жени,, за кое се грижите нон – стоп е задачата која ја има прилепчанката Благица Мицеска. Таа е администратор на фејсбук групата која го носи називот ,,Прилепчанки на кафе муабет,,. Тука може да се дознае секаква информација, да се побара совет, да се понуди услуга од фризер, шминка и слично. Кој и зошто стои зад виртуелносто ,,семејство,, во кое се разменуваат радосни вести, се убива досадата, се кажуваат дури и оние најинтимните работи кои ретко се споделуваат?

– На Фб, односно на кафе има 17 илјади прилепчанки во секој момент? 

– Повод за групата ми даде потребата за некои информации. Тргнав од себе. Секако пример ми беше и скопската женска група. Ја создадов за да нудам помош, информации, хуманитарни акции кои ги организирам за матура за деца на прилепчанки. Групата е отворена за дружење и помагање на сите прилепчанки. За нив 24 саати сум достапна на Фб, мора да ги контактирам, не може да ги игнорирам. Може да поставуваат анонимни прашања, а јас нивните тајни не ги оддавам, мора да ги зачувам како членки. Секој има причина да објави анонимно, дали се работи за болест, лични причини, јавно може да наиде на критики и последици во личниот живот.

– Што се случува меѓу жените, во тоа виртуелно ,,семејство,,? Што прашуваат, бараат помош? Зошто имаат доверба во тебе?

– Многу објави има за болести и проблеми во бракот. Не знаат што да направат, кој би бил следниот чекор, адвокат… Бараат контакти од бајачИ, гатачи… За овие неколку години се потврди дека имаат доверба во мене. Анонимноста е загарантирана. Сакам да помагам, бидејќи животот е тежок. Некои жени не знаат каде да се обратат, не знаат што да прават, бараат лек, бараат бајачки, човек кој може да им помогне. Додека постои групата, ќе бидам принципиелна. Планирам да формирам и Фондација за давање помош на средства, затоа што на личниот профил имам многу пријатели од целиот свет и мислам дека ќе биде успешна.

– Ќе се комерцијализира ли? 

– Економски бенефит немам. Работам од желба на сите прилепчанки да им се помогне. Може да се профитира, но сега не. Посети има премногу, групата брои 17 000 членови. Немаме ниту еден инцидент за Фејсбук да ја затвори. Секој може да се рекламира, засега бесплатно. Објавуваат во групата и голем и мали фирми. Некои членки и лично ме бараат. Сакаат да се запознаеме. Често не сум тука. Некогаш не можам да ги контактирам. Сум им давала и подароци на активни членки. На еден пост има и преку 500 – 600 коментари.

– Информатички вештини, да се биде он лајн нон – стоп?

– Со работата, се учи. Рачниот часовник ми е поврзан со ајфонот. Телефонот го оставам настрана само додека спијам. А спијам многу малку. Кога има пост односно објава, ја прегледувам и ако не е за во групата ја бришам. Нема место за навреда, нема политика. Затоа што ако се внесе, жените ќе се караат, ќе има многу несогласувања, ќе се навредуваат. Им помагаме за изгубени паричници, документи, заборавени наочари…

– Администрирањето значи да се нема друг работен ангажман?

– Друго не работам овде. Работам во Америка. Во Прилеп сум во јануари, февруари. Инаку живеам во Мајами. И оттаму групата функционира. Телефонот е пред мене, гледам кој бара, прашува. Ова нема да ми се смачи. Мојот Фб не го користам, но групата ми е важна, да се помага. Интересно е да се работи со жени, кога сакаш некому да му помогнеш, има нешто во тебе.

ЖЕНИТЕ НОЌЕ НЕ СПИЈАТ – ПИШУВААТ НА ФБ

-Кога групата е најактивна?

– Навечер жените најмногу пишуваат. Не спијат, слободни се, од работа си доаѓаат, ги завршиле домашните обрски. Има прашања на полноќ, во 1 – 2 часот наутро. Бараат информација, жените се послободни навечер. Доколку има машки членови по случајна грешка, се бришат. Имам три помошнички – администратори. Жените сакаат да си помагаа. Солидарни се. Користат и даваат информации кои ги бараат, за тоа, на пример, кои таксисти возат за Грција, информации за лекови, корисни совети…. Си помагаат една со друга. Има и кои се недолични, навредливи коментари. Тие ги бришам. Секој има право да бара и објави што сака. Коментарите одат од 500-600 коментари на некои постови.

ИНФОРМАЦИИ ЗА КОРОНА

– Значи ли дека си најинформирана?

– Групата дава можност да се добие информација од секаде. Има претежно членки од Прилеп, Битола, но е успешна група. Лично објавив информаци за состојбата со корона вирусот во светот. Бараат жените информација што се случува во Австрија, во Германија… Од таму жени веднаш пишуваа што се случува во нивните земји. Една кажа дека во Австрија аеродромот е место на духови. Групата е успешна. Може да се добие секоја информација од цел свет.

Loading