ПИСМЕНОСТА ВО МАРУЛ

Фељтон: Томе Велјановски (39)

marul-1

Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, собрал записи и сеќавања и за писменоста во неговото родно село Марул. Во желбата да останат сочувани, спомените за периодот кога тој се образувал, ги поткрепува и со фотографии. Неговите белешки ги пренесуваме автентично, односно онака како што тој самиот ги прибележувал, со сите правописни и граматички пропусти.

Претходно, на страниците на неделникот “Зенит” тој пишуваше за лицата кои животот го положиле за татковината, за животот во селата Марул и Клепач.

Односот на жителите од с. Марул према наставниците и обратно

Jovanka DavkovaПрва учителка е Јованка Давкова. Овој однос од двете страни една према друга од почетокот па се додека имаше настава во училиштето беше оценета со највисоко позитивно ниво. Со доаѓањето на првата учителка во с. Марул битолчанката Јованка, во септември 1944 – та година била пречекана со голема радост. Веќе нивните деца за прва пат ќе учат на својот мајчин македонски јазик. Додека нивните најближни се во војна се ствара македонската држава. Нема како дотогаш, децата ученици го учат туѓиот јазик и култура, а додека нивните најближни лежат по затворите како непријатели на тие режими.  Учителката Јованка била сместена во куќата на Димко и Ордан Танески. Наставата ја одржувала во близина, во куќата на Тодор Јованоски (Бубуз). Селото на учителката Фанче храна и припремало со ред по куќи. исто така таа добивала и сапун за своја потреба. Селскиот одбор одредувал луѓе за нејзиното испраќање и земање  од возот од с. Тројкрсти – бакарно гумно. Фанче била примана за на посета од сите домаќинства во селото. Јованка учителката од нејзиниот престој во с. Марул била презадоволна. И со нејзиното заминување од селото како учителка го имаше посетено с. Марул неколку пати. Јованка учителката била во с. Марул од септември 1944 до распустот на учениците во јуни 1946 година.

Menche KvachkoskaУчителката Квачкоска Менка, прилепчанка

Како што рече учителката Менка дома кај нас: Дојдоа две лица облечени во униформа или милиционери, ми рекоа спремај се Менче од септември годинава, 1946 година си одредена за учителка во с. Марул. И ми објаснија каде се наоѓа с. Марул и најлесно како ќе појдам до с. Марул.

Јас веќе се припремив, купив карта за возот до село Галичани преку с. Беровци, с. мало Рувци, стигнав во с. Марул. Во селото веќе знаеле за моето доаѓање и бев примена со големо воодушевување од сите жители во селото. За становање бев примена во куќата на браќата Мурџевци Јованче, Степан и Мите. Наставата сега се одржуваше во кулата на долните Павлевци. Храната секогаш ми беше припремана по куќи. Комуникации имав со сите жители во селото. Никогаш нема да го заборавам марулското биено сирење, рече учителката Менка. Многу убаво бев примена од жителите во с. Марул. Наставничка бев од септември 1946 до летниот распуст на учениците во месец јуни 1949 година. Работата со храната се подобри откако се преселивме во новото училиште и кујната почна да функционира, станавме понезависни за храна од селото. Често пати имав помош од селаните кои ме земаа од возот од с. Галичани или од с. Тројкрсти и ме враќаа назад пак до спомнатите станици, рече учителката Менка Квачкоска.

Kiro MiladinovУчителот Киро Миладинов, прилепчанец

Киро Миладинов доаѓа за учител во с. Марул на почетокот на учебната година во месец септември во 1949 година. Тој доаѓа фамилијарно со сопругата Таса и дечињата Иванка и Тренчо. Фамилијата на учителот Киро беше директно вселена во учителските простории во училиштето. Неговата сопруга го одржуваше редот со домаќинлакот во семејството, како со приготвување храна, перење итн. За прехрана на семејството учителот Киро држеше кокошки. Во 1951 година по негово барање, селото направи кокошарник. Него го ѕидаше служителот Атанас Здравески, односно зетот за ќерка на служителката Менка.

Учителот држеше школски прибор за учениците и ги продаваше по цена колку чинеа во Прилеп. Учителот Киро беше во стален контакт со селото. Често пати луѓе од селото бараа помош од него за пополнување на разни административни документи. По желба на селаните, учителот добиваше разни прехранбени артикли. Беше покануван на сите куќни слави. Децата од учителот секој ден беа во контакт со учениците во дворот на училиштето. Учителот Киро Миладинов со неговата фамилија го напуштија училиштето и с. Марул со завршувањето на учебната година во јуни 1953 година за на ново работно место во градот Прилеп.

koteska dragicaУчителката Драгица Котеска (Бутлеска)

Драгица учителката рече: За учителка дојдов во с. Марул по учителот Киро Миладинов од први септември 1953 година. Уште пред да заминам во Марул намина Киро Миладинов и ми вели, Драгице за во Марул да си купиш едно дрвено каче, ќе ти треба. Не ми кажа зашто. Со татко ми се мислевме што ќе правам со каче. После неколку дена дојде служителот чичко Јован Новачески, разговаравме за се и сешто, чичко Јован ми кажа нема да бидиш осамена, имам две девојчиња, едното е твоја врст, другото е помало, ќе ти бидат другарки, и сите нивни другарки ќе бидат и твои другарки.

Татко ми како родител го пушта чедото во непознат крај, така малце нервозен го праша чичко Јован, а бре пријателе Јоване, деновиве намина учитело Киро Миладинов и препорача да си купи едно дрвено каче. Чичко Јован се поднасмеа и одговори, навистина и треба да купи едно дрвено каче. Татко ми го послуша чичко Јован, купи каче. Чичко Јован по неколку дена дојде кај нас, го товари качето на магарето и го однесе во Марул. Кога појдов на становање и почнување со настава, качето го најдов таму. Дојде време да се берат лозјата, од повеќе куќи добив прилично доста грозје од селаните без тие да ме прашаат или јас да им барам. Ме прашува чичко Јован, учителке грозје многу, јас сакам да однесам кај родителите во Прилеп, тие ќе го суредат и така направи. Го товари на магаре, го однесе кај нашите, си прикупиле друго грозје од пазарот ја наполниле бочвата со грозје за вино.

Кога дојде време во есента да се колат крмаците од секоја куќа без разлика, има или нема ученик, ми носеа по еден тањир пресно свинско месо како поклон. Чичко Јован месото го сработуваше, солеше во качето. Качето се наполни со месо. Се потсмева чичко Јован, ми вели, ете учителке зошто беше качето. Му велам, мене ми е срам за вакво нешто, прв пат гледам. Учителке, да не се срамиш, не си ти прва. Тоа е знак да си добредојдена од сите во нашето село. Повеќето од месото чичко Јован го однесе во Прилеп за храна во нашата куќа.         

Продолжува

Loading