СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ И ВЕЛОСИПЕДИ

Допрва ќе се утврдуваат критериумите како граќаните ќе добиваат пари од општинското ќесе ако купат клима со инвертер или велосипеди со што би помогнале во намалувањето на аерозагадувањето. Средствата од шест милиони денари, издвоени од Советот, се наменети за субвенционирање на 400 инвертери и велосипеди за граѓаните. Јавниот повик за субвенционирање на инвертери и велосипеди ќе биде распишан откако ќе бидат одредени критериумите. Ова го најави градоначалникот Илија Јованоски .

На јавниот повик за Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, спроведен од Секретаријатот на Владата во соработка со Министерството за животна средина, Прилеп доставил две апликации.

– Општината аплицираше за набавка на котларница за Гимназијата ,,Мирче Ацев,, за што беа одобрени 5,4 милиони денари и за 13 инвертори за СОУ ,,Орде Чопела,, и ,,Ѓорче Петров,, и за Детските градинки. Вториот проект беше за енергетска ефикасност. Добивме околу 3,5 милиони денари, за промена на дограмата и столаријата во Домот за стари лица ,,Киро Крстески-Платник,, и во некои од градинките. Се набавија и 7 прочистувачи на воздух за детските градинки” – истакна Јованоски.

Со мерките за заштита на животната средина лани се набавени четирите автобуси на метан.

– Прилеп доби 9.5 милиони денари за заштита од емитуваните ПМ честички во воздухот. Децата во градинките се греат на инвертери и просториите се потопли и почисти. Годинава ќе се форсираат проекти за енергетска ефикасност со заштеда до 30 отсто. Нема друг начин да се справиме со загадувањето, освен елиминирање на изворите – потенцираше заменикот министер Јани Макрадули.

Се следат резултатите од пробните станици за мерење на квалитетот на воздухот.

Loading