ХРАМОТ ШТО ПОКРИВ НЕ ДРЖИ

Проклетството на црквата Свети Атанас

Crkva Sv.Ataas bez pokriv

Богатството од преданија и разни народни кажувања во Варош е поврзано со духовното и културното минато. Легендите се дел од духовното богатство. Некои имаат дури и пророчки или проклетнички карактер. Едно, посебно набиено со мистика, е преданието за црквата Свети Атанас во Варош.

Таа и денес е здрава градба без покрив само на стотина метри под манастирот Свети Архангел Михаил. Храмот е привлечен објект, граден од обработен бигорен камен и печени цигли. Потекнува од 14 век како повеќето одржани цркви во Варош. Карактеристична е по тоа што е без покрив и со преданието врзано за покривот. Легендата говори за непознато проклетство. Според приказната, мајсторите повеќепати се обидувале да го направат покривот на црквата. Но, покрај големите заложби, не можеле да го изградат, бидејќи непозната сила го уривала на мистериозен начин. Сé што ќе направеле преку денот, таинствено било уривано во ноќта. Тешко се откриваат причините што оваа убава градба и ден-денес нема покрив и дали проклетството од преданието има вистинска сила. Но, црквата сведочи дека е градба без покрив.

Што е мистериозноста на импресивниот храм? Се објаснува дека таинственоста се должи на духовната природа на луѓето.

Црквата Свети Атанас е различна од останатите градби во Варош. Апсидата нема полукружна форма од надворешната страна, туку е аглеста. Тоа е ретка појава на градбата на божји домови. Храмот зафаќа, речиси, квадратна форма. Во ѕидовите се вградени повеќе стари елементи од градби, главно мермерни споменици од постари времиња, кои опстојувале на просторот или во близината. Античките елементи ги забележале и археолозите кои се интересирале за културните остатоци. Археологот Сариа од Белград, кој во Прилеп доаѓал во 1923 година, констатирал дека црквата имала значителен број вградени антички споменици. Според него, биле вградени четири големи мермерни столбови од кои, и во неговото време, два стоеле вертикално. Столбовите го држеле некогашниот покрив, кој е прашање дали некогаш постоел? Дали покривот паднал откако долго време стоел на градбата или е неуспешно покривање од почетокот. Потеклото í е од периодите на постоење на многу верски објекти, влезени во преданието дека црквата во некои подобри времиња ќе биде активна. Не е исклучено дека била една од црквите на поимотните семејства во Варош, опишано во посебно предание.

Околу неа се пронајдени многу археолошки остатоци. Се спомнуваат остатоци од печки за топење руда, печки за печење керамика и слично. Во близина се ископани гробови од средниот век и се најдени монети од македонските кралеви. Тоа е потврда за долгиот континуитет за користење на овој простор.

До кога ќе трае проклетството на црквата Свети Атанас, опкружена со толку големо богатство од стара култура од десетици векови? Прашањето, се чини, не е тешко, но одговорот…

77 цркви

Се верува дека некогаш Варош имал 77 цркви. Секоја втора куќа имала свој храм. Сега функционални се Св. Димитрија, Св. Никола, Св. Петар и Павле, Св. Богородица Пречиста, а Св. Атанас е без покрив. Во близина се манастирите Св. Арахангел Михаил. Во стегите на грамадните камења на Златоврв, мирува црквата Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, од 13 век.

Loading