ГО ВОДИ МЛАДОСТ КОН НОВА ТИТУЛА

Живот: Ѓоко Јочкоски, Зенит-спортист за 2019

Минатата година освои „злато“ и две „сребра“

Goko Jockoski

Пехарот и дипломата од нашиов неделник Зенит, за најдобриот спортист во градов за 2019 година, се во рацете на Ѓоко Јочкоски, пингпонгар на Младост. Играч чии победи се вообичаени, секојдневие, а поразите настан, оти ретко му се случуваат. Изборот е врз основа на постигнатото минатата година – ,,злато,, во двојки, ,,сребро,, поединечно на Државното и ,,сребро,, со клубот во Супер лигата. Но, тежина дава и целокупната кариера од триесетина години.

-Во 1984 година во салата Македонија имаше седум-осум дрвени маси на влезот. Татко ми и братучед ми ме однесоа таму. Откако ме победија и двајцата, татко ми ми вика: Ако сакаш да ме победиш, да те однесам на едно место да научиш. Каде? – Во сала за пинг-понг. Таму ме пречека тренерот Стеван Стеваноски – Матала. Оттогаш натаму влезе ,,чивијата,, и желбата за пинг-понгот – навраќа на првата средба со убавиот спорт.

Тренирале 50-ина деца. Таму го среќава сегашниот тренер, а тогаш одличен играч – Зоран Јованоски од кого учи многу ,,финти,,. И д-р Петар Карески му е тренер. Во Пингпонгарската школа се обучува и во почетокот од средношколските години. Веќе кон крајот од втората година почнува да игра за првата екипа на Младост, а во третата редовно да настапува за неа. Првата голема победа му е со фаворитот Гранит. По Гимназијата, од 1995 година продолжува на Машинскиот факултет во Скопје, настапувајќи за скопски екипи.

– Две години играв за Гранит. Не бевме шампиони, но учествувавме во Европа. Кога гостувавме во Прилеп, победувавме оти речиси сите квалитетни прилепски пингпонгари играа настрана. Следните шест години одиграв за Работнички. Немавме титула, но имавме европски настап во вториот по ранг куп. Станав член на репрезентацијата на Македонија. Би го издвоил Светското првенство во Малезија 2000 година, каде се пласиравме на 87 место од 164 држави. Само еден меч загубивме, првиот со Малезија, потоа сите останати ги победивме: Кипар, Узбекистан, Либан. Вреден беше триумфот врз Кипар со 3-2 каде ја добив последната партија. Тогаш на Светската ранг-листа меѓу илјада рангирани стигнав до 388 место – го издвојува врвот од кариерата.

Jockoski so trenerot Jovanoski

Уште една година е во Скопје, во Флораскоп. Со таа екипа ја освојува шампионската титула. Од 2004, наваму, пак е во Младост. Иако покани има нон-стоп и од сите страни, остана во матичниот клуб до ден-денес. Придонесе за трите титули од кои последната е во сезоната 2011/12 со З. Јованоски и А. Лашкоски. Желбата е титула и оваа сезона во која Младост влегува како првопласиран, есенски првак без пораз. Во составот на З. Јованоски дадоа придонес А. Штаргоски, Србинот Оцокољиќ, и, разбирливо, човекот без кого не се може – Јочкоски.

– На пат сме кон новата титула, но ќе потешко отколку пред 8 години. Тоа го гледам од личен аспект. Пред осум години сум имал 35-36, сега 43-44 години. Лани пролетта ни побегна титулата и освоивме второ место зад шампионот Вардар. Во финалето од плеј-офот загубивме две партии, што требаше да ги добиеме. Се надеваме на искачување на врвот – не ги крие амбициите Јочкоски.

Титулата речиси сигурно се враќа во Прилеп, но каде? Покрај Младост, и соседниот ривал Младост 96 го сака трофејот со петмина пингпонгари отстрана. Дали Младост по четврти или Младост 96 првпат ќе биде шампион? Никогаш во историјата на градов не се случило ова: два прилепски клуба да се борат меѓусебе за освојување на пехарот. Што ќе се случи пролетва?

so ekipata na Mladost

– Голем е ривалитетот меѓу двата клуба. Според имињата што ги донесоа, тие се фаворити – Младост 96. Ќе видиме во март. Ќе направиме сé да не загубиме. Годинава имаме поквалитетно засилување од Србија, Оцокољиќ. Добро се согласуваме во двојки. Веќе тргнавме со тренинзи. Се надеваме дека подготвени ќе ја почнеме големата битка во март – вели Јочкоски.

Велиме ,,лути,, клупски ривали, а работат во иста сала. Односот е за пример. Се договараат без проблем за термини. Тоа е позитивната страна. Но, какви се условите? Има ли перспектива за развој на овој спорт за да биде во чекор со останатите држави? Каде е денес прилепскиот и македонскиот пинг-понг? Јочкоски е компетентен да го даде мислењето.

– Во последно време играме со Црна Гора, Косово и Албанија. Некогаш се поставуваше прашање со колку разлика ќе ги победиме, а сега сме тука некаде со нив, на исто ниво. Тие влоожуваат и работат на професионално, а ние уште импровизираме. Со аматерски ангажман нема многу да чекориме напред. Затоа, прво професионализација со барем еден спортски работник – професионалец во клубот кој би можел да се посвети на работата. Да собериме стотина дечиња од основните училишта, да ги запознаеме и да им кажеме што нуди пинг-понгот. Условите, такви, какви се, максимално да ги искористиме – порачува Јочкоски.

Vesnikot Naroden glas od 1991Дерби со колку гледачи?

Уште сега погледите се кон финалето од плеј-офот, каде се очекува дерби Младост – Младост 96. Ако се игра во малата пингпонгарска сала, ќе има место само за 10 гледачи. Може ли да биде во Универзална за многу публика?

-Би можело да се организира и договори место за поброен аудиториум. Меѓутоа, проблем е салата. Ако се игра во Универзалната, тоа е голема сала во споредба со пингпонгарската. Голема и мала сала – условите се многу различни. Потребни се тренинзи повеќе денови во тој објект за  прилагодување – смета Јочкоски.

Тренинзи во Тајван

-Во пресрет на Светското во 2000 година, мошне добро се подготвивме во Тајван, светска велесила во овој спорт. Тренинзи имавме по 4-5 часа дневно. Видовме како треба да изгледа една репрезентација. Појдовме секој во свои тренерки, немавме соодветна гардероба. Научивме како што се приближува мечот, така да се интензивираат активностите. Ни беше речено: Сите сакате само да играте, а никој не сака да тренира пинг-понг. Играње со тренирање е голема разлика. Во тренирањето има систем.

Радост и тага

-Најголема радост? Победата против Миле Петрески на стартот од кариерата. Тој шампион – јас јуниор. Не бев познат во сениорските кругови, освен во Прилеп. Има и тажни моменти кога сум губел во десетте финалиња поединечно на државните. Некаде 2011 година откако го совладав во полуфиналето шампионот Саити, во финалето тесно загубив од Станојковски. А имав водство.

Првиот пехар

Многу пехари се освоени. Меѓу првите е од Третата спортска олимпијада на училишната младина на Македонија во 1991 година. Тогаш Јочкоски, иако гимназијалец, настапува за екипата од ЕМУЦ ,,Ристе Ристески – Ричко,, со која освојува прво место во државата. Соиграчи му беа Златко Рикалоски, Мартин Калески и Борче Базеркоски.

Loading