ФАБРИКАТА БЕЗ СТРУЈА – 60 РАБОТНИЦИ НА ПРИНУДЕН ОДМОР

Еурокомпозит

kompozit

 

Над 60 вработени во фабрика за наменско производство Еурокомпозит се упатени на принуден одмор со плата од 70 отсто. Фабриката не работи три недели оти е без струја, поради неплатени сметки. Вработените се револтирани, зашто немаат здравствено осигурување, платите не им се исплатени за цела 2019 и дел од 2018 година. Бараат средба со вицепремиерката Мила Царовска да се најде итно решение за деценискиот проблем. Трагедијата да биде поголема работниците се сомневаат дека нема да им бидат платени ниту придонесите од 2012 година до денес со пари од буџетот, што беше ветено од Владата.

-Очекуваме одговор за средба со Царовска да се најде конечно лек за нашата мака. Се надевавме дека претходната влада ќе има слух. Факт е дека од околу 250 вработени за две ипол години, заминаа како технолошки вишок, но останува да се најде чаре уште за 64 работници. Или и нас нека нé пуштат како технолошки вишок, или нека обезбедат работа фабриката да продолжи со производство. За придонесите разбравме дека не минале со ребалансот на буџетот. Тоа било лага и нема да бидат платени тие придонеси – вели Роберт Богданоски, претседател на Синдикатот на фабриката.

Директорот на Еурокомпозит, Милан Тоцев, потврдува дека не е обезбедена работа, дека нема потпишани договори. Тврди дека постојано е во контакт со Владата барајќи најоптимално решение.

-Точно е дека поради побарувања на вработените прогласени за технолошки вишок од околу 250.000 евра се блокирани сметките на двете фирми, Еурокомпозит и  на Композитна опрема.  На вработените последно им е исплатен дел од заостаната плата на 22 декември. Но, работа нема, пари нема. Фирмата има застарена опрема и слаб кадровски потенцијал, што повлекува слаба рентабилност и конкурентност на домашниот и странскиот пазар. Колку и да има работа, со постојниот технички и човечки капацитет  нема да може сам да опстои. Единственото решение е да се најде домашен или странски инвеститор, или пак целосно да биде преземена од државата за потребите на Министерството за одбрана и на Министерството за внатрешни работи” – вели Тоцев.

Проблемите се децениски. Преземени се определени чекори. Од околу 280, како технолошки вишок се прогласени околу 220 вработени. И ним уште не им се платени просечно по 1.000 евра за отпремнина. И тие ги бараат своите пари. Не ретко се протестира пред Општината, која нема надлежност, но и пред Владата.

Еурокомпозит е единствена фабрика за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста на државата.

Loading