ПИСМЕНОСТА ВО МАРУЛ

Фељтон: Томе Велјановски (32)

marul 1

Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, собрал записи и сеќавања и за писменоста во неговото родно село Марул. Во желбата да останат сочувани, спомените за периодот кога тој се образувал, ги поткрепува и со фотографии. Неговите белешки ги пренесуваме автентично, односно онака како што тој самиот ги прибележувал, со сите правописни и граматички пропусти.

Претходно, на страниците на неделникот “Зенит” тој пишуваше за лицата кои животот го положиле за татковината, за животот во селата Марул и Клепач.

Еден летен работен ден во местото Рвеник ветрот покрај нас тера парче новина. Татко ми ја зеде и се загна по новината преку брегот Пусто магаре. Ванѓел татко ми се врати лут без новина. Ние со потсмев го прашавме, каде е новината. Тој одговори, да ветрот ја претерал преку долот во Превалец за во Криви Ливади, а долот зараснат со капини, не можел да го помини и затоа се вратил.

Ванѓел беше преку триесет години селски одборник сé до неговата осумдесет ипеттата старосна година кога ненадејно почина в поле пасејќи ги овците од мозочен удар. После неговиот погреб беше раздолжен од државните работи, печатите. Неговиот вечен дом е во гробиштата во с. Марул во пределот во Гулабоската парцела.

Таков беше Јовчески Ристев Ванѓел 27.7.1912 г – 31.01.1997год. Таков беше карактерот на Ванѓел.

Во 1928 година во с. Бонче отворено е училиште до четврто одделение, наравно на српски јазик. Према тогашните закони деца да го посетуваат училиштето од околните села можат кои се поблиску до четири километри или пак да стануваат во с. Бонче додека трае школската година. Таков интерес не се појавил од соседните села. Затоа наставата ја слушале само ученици од с. Бонче. Во ова училиште била Мајстороска Калина од с. Бонче со завршено четврто одделение, Пакоска Дончојца Танеска во с. Марул 1919 – 1996.

Во 1930 година во с. Подмол е изградено и отворено ново училиште. Училиштето е изградено на источната страна во близината на некогашната подмолска црква, во близина на некогашните подмолски гробишта, црквата Св. Димитрија. Наставата се изведувала исто така на српски јазик со вероисповед.

За наставник бил ангажиран Србинот Миодраг Милосавлевич с. Боговиња, во близина на градот Алексинац во Србија.

Наставникот Миодраг Милосавлевич во Подмол се задржал до 1941 година со доваѓањето на бугарските окупатори кои го протерале од с. Подмол. Ова ново отворено училиште ги опфатило, обавеза законски од машки пол, децата од седум годишна возраст за настава од трите села: Подмол, Лопатица и Марул. Редованата настава започнала од први септември 1930 година.

Од с. Марул родени во 1923 година за прв пат селото пратило ученици во историјата на селото да посетуваат настава и тоа следните ученици: Атанасоски Мицев Дончо Танески, Василоски Јованов Алексо, Велјаноски Ристев Благоја, Јованоски Илијев Цветан Крушка, Јованоски Јованов Кристо, Новачески Димитријев Велјан, Петрески Цветанов Ванчо Мурџески, Стојаноски Илиев Тоде Котески. Сите овие ученици завршиле четврто одделение  и поседуваат одличен ракопис, поготово Цветан Крушка.

Додека четирите девојчиња родени во истата година 1923 Атанасоска Трајанова Невена Танеска, Дамјаноска Дамјанова Петкана, Ристеска Ристева Алтана Јанкоска, Јованоска Тодорова Анѓелина не посетувале писмена наука, школо со закон биле ослободени. Учениците кои посетувале училиште, настава оделе групно до Подмол, исто така групно се враќале во Марул подпомогнати од своите домашни, постари од дома.

Продолжува

 

Толе Паша

 

Зад високо брегот, е Крушевица село

Во фамилијата Кулиќеви, се роди машко чедо

Името Стојан, нунката му го даде,

Со благослов голем, јунак да биде.

 

Борба да води за народот свој,

доживотно да се бори тој,

на насилниците да му стави крај,

народот свој да добие божји рај.

 

Во летно време, воловарче оди

со дедовците Столе, дружба прави,

разни приказни од нив слуша,

задоволство и прави на неговата душа.

 

Порасте Толе, бистро и снажно момче,

на ковачо Стеван, зет  му стана,

се ожени тој, за ќерка му Ката,

со нејзе ги имаат синовите двата.

 

Немаше Толе односи со Адем бега,

често имаше конфликти со него,

го напушти Толе домот свој,

подмолно да не биди, убиен тој.

 

Се вработи Толе, во рудникот Ал Шари,

се замерија таму, со заптијата Акиф,

во самоодбрана, Толе го уби него,

затворен е тој, за извршеното дело.

 

По кратко време од затворот бега,

во Мариово се врати Толе сега,

оснива своја чета и јатаци прави,

со нечесните луѓе за да се справи.

 

Јован и Толе на скала заседа направија,

Турскиот порезник Мефеил, тие го охрабрија,

дел од парите, за нив ги оставија,

остатокот пари, меѓу народот ги поделија.

 

Во Бугарија Толе оди, од потера да се спаси,

за кратко време, тој назад се врати.

Бугарија не е моја родна земја,

таа за мене е зандана темна.

 

Во Полчиште село, сардисан е Толе.

Извика чаушот Ферат, предај се ѓаур сега.

Овде сум паша, одговор доби тој.

Отвори силен оган, си проби пат свој.

 

Кај Сивевци, во Старавина село,

Толе го разоружа, Арслан бего.

Арслан бегот, животот да си го спаси,

Повеќе жолтици, на Толе му плати.

 

Во вепрчанското поле, сокријан е Пашата Толе,

жетварите Толе, во снопот го сокрија,

Аскерите сé пребараја, него не го открија,

жетварите Толе од сигурна смрт го спасија.

 

На конгресот во Смилево, Толе беше

сигурноста на делегатите му ја обезбедуваше,

Ацев и Толе, од Смилево во Мариово се вратија, 

политичката активност таму ја продоложија.

 

Во Лопатица, Толе силна борба води,

против грчки чети и македонски изроди,

поразени тие, во паника бегаат пред него,

без оружје, со крвави траги во снегот.

 

Во 1904-то лето, во Гудјаково село,

Се судри аскерот, со четата на Толе,

Убиен падна Толе и дел од неговата чета,

Заврши тука Толе, низ Мариово да чета.

 

Во 2001-та година му се отвори нова гробница,

моштите на Толе и Веле, се пренесени во родното село,

погребани се со величествено опело,

почитувани нека почиваат, за нивното дело.

 

Томе Велјановски

Марулецот

Loading