ТУТУНОТ ЌЕ СЕ ОТКУПИ – ТУТУНАРИТЕ НЕМА ДА БИДАТ ОШТЕТЕНИ

,,Ќе се откупи сиот договорен тутун и десет проценти над договореното, како што е законски, а откупувачите ќе вршат реална проценка. Тутунарите нема да бидат оштетени,,.

Ова го изјави Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

DSCN7542

 

-Во Министерството за земјоделство постигнат е договор откупувачите да ги преземат сите договорени количества тутун и уште 10 проценти од договореното. Проценката ќе биде како на почетокот на откупот. Производителите да го носат сиот произведен род. Доколку има проблем со проценката или пак ако се враќа родот на тутунарите, ако се цени нереално, поверениците ќе пријавуваат до второстепената комисија. Во такви моменти да се стопира вагата за процекна, да се свика Сојузот, а ние ќе го повикаме инспекторатот да знаеме дека откупувачите се придржуваат на договореното. Нема да дозволиме ниту еден тутунопроизводител да биде оштетен при проценката на родот – рече Стомнароски.

Откупувачите се согласиле дека нема да ги затвораат вагите и пунктовите на што се жалаа тутунарите од Долненско.

-Сѐ што ќе се донесе на вагата за проценка, се согласија откупувачите дека нема да го враќаат назад и ќе го откупат. Тие се подготвени да  ги преземат и да ги платат дополнителните десет проценти. Не знам дали има политика во откупот, но до Нова година, проценката беше одлична. Преземени се 70 до 80 насто од сите количества тутун. Не знаеме што се случи со проценката по празниците. Во постојана координација сме со откупувачите, со Министерството и со инспекторатот. Како и да е, нема да има проблеми во откупот на останатите 20-ина проценти од родот. Инаку, има откуп во Долненско, некои откупувачи ги презеле договорените количества. Во источниот дел од земјава откупот е речиси при крај, околу 90 отсто од количествата се преземени, а продолжува откупот во Пелагониско – објаснува Стомнароски.

По завршувањето на откупот, Сојузот ќе преговара со откупувачите за цените по класи за да се намали големата разлика.

-Од откупувачите ќе бараме да се коригираат цените и да се доближат од класа до класа и ќе понудиме решенија да одговараат и за тутунарите и за откупувачите и да нема проблеми како што имаше досега – вели Стомнароски.

Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат изјави дека динамиката на откупот е одлична. За 15 дена родот ќе биде преземен, а просечната цена е 222,5 денари за килограм.

– Откупени се 21000 тони од договорените 26 000 тони тутун. Тоа е речиси 80 насто од родот. Откупувачите ги преземаат количествата. Нема официјални приговори, но главно тутунарите реагираат за количества кои им се откупуваат во втора, а требало во прва класа. Се реагира на влажноста, но тоа со мерните инструменти прецизно се одредува. Досега нема ниту еден приговор до второстепената комисија. Доколку тутунарите имаат забелешки, веднаш да пријавуваат. Откупот течи според одредената динамика – вели Шапуриќ.

Loading