ЗЕНИТ ВО РЕГИСТАРОТ НА ПРОФЕСИОНАЛНИ ОНЛАЈН МЕДИУМИ

Tabela registar

Во Регистарот на професионални онлајн медиуми е и Зенит. Регистарот го објавија Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и има 70тина членки. Со тоа се потврдува дека Зенит е кредибилен медиум, кој, освен печатено издание на весникот, има и сајт кој е сервис за граѓаните со проверени и точни информации 24/7. 

– Саморегулацијата е најмоќното решение за поттикнување на професионалноста на медиумите не само во сегашните околности, туку и на подолг рок – вели извршната директорка на СЕММ Марина Тунева.

Постапката на креирање на Регистарот се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката на развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и медиумската и бизнис заедницата во државата.

Иницијативата за креирање на Регистарот е поддржана и од Стопанската комора на Македонија. Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски вели дека Регистарот ќе има широка примена. За бизнисмените ќе е заштита од уценувачите и непрофесионалните медиуми, а за граѓаните да ги препознаат медиумите кои ги почитуваат стандардите, да знаат кому може да му веруваат, а чии информации да ги примаат со резерва.

– Регистарот ќе биде тест за политичките партии дали ќе се промовираат во професионалните онлајн медиуми или кон нивните ,,приврзоци,, – вели Чадиковски.

Од СЕММ апелираат граѓаните да поднесуваат жалби до нив, ако сметаат дека некој медиум ги прекршил стандардите. Од почетокот на јануари ќе биде во функција веб-платформата www.promedia.mk, на која ќе има детали за сите членки на Регистарот.

Loading