СТОКАТА ПОСКАПУВАШЕ ДВАПАТИ ДНЕВНО!

Живот: Владо Јованоски, пензиониран продавач

-Турканици и тепачки за млеко, масло и шеќер

Vlado Jovanoski

За возрасните времето лета и тоа пред 40-50 години како да беше вчера. Ја бараме разликата од некогашната и денешната трговија, продавниците, а подобар соговорник нема од сограѓанинот, 72-годишниот Владо Јованоски. Цел работен век го посветил во трговијата.

 -Почнав 1970 година. Поработив во магацин за прехрана од претпријатието Трети ноември, претходник на Центропромет голема фирма составена од неколку помали. Од магацинот товаравме стока за сите продавници низ градов. Се разнесуваше со камиони. Се префрлив продавач кај училиштето ,,Кире Гаврилоски,,. Појдов на заменам за пензиониран работник – се потсетува Јованоски.

Продавачката професија била поинтересна отколку магационер. Имало многу муштерии. Најбројни биле учениците. Кога ќе навалеле при одморите, продавницата се преполнувала. Вриеж од деца кои купувале чоколадца, бомбони, мастики за џвакање…

-Омилени им беа благите работи. Лепче и паштети не земаа, оти се хранеа со печива во училиштето. Излегувавме на крај со метежот со делба по групи. Надворешната група не смее да влезе, додека внатрешната не излезат. Стававме ред меѓу најмалите муштерии – објаснува продавачот Јованоски.

Го преместиле кај зградата на Нова Македонија и ТВ. И тука се задржал кусо. Начекал турканици за млеко и други производи што ги немало доволно. Потоа во близина кај касарната, каде се продавало зеленчук и овошје. Тоа е времето кога фаќа кризата. Социјализмот понуди мирен живот, без многу стресови, но до болеста на Тито во 1979 година. Народот исплашен од евентуална воена агресијаа, го фаќа страв и потрошувачка треска. Затоа многу производи снемува.

Prodavnica

-Немаше сапунчиња, паста за заби, прашак за перење… За леб се создаваа мешаници. За да дојди лебот чекавме сабајле од пет часот. Секој ден. Во сабота особено се бараше леб, оти во недела е неработен ден. Во недела продавниците работеа само од 7 до 11 часот. Прашак дававме на список. В тетратката имаше список на сите семејства од реонот. Се знаеше секое семејство колку има потреба од масло и прашак, според бројот на  членовите. Нереди и мешаници имаше за млеко. Се туркаа, се тепаа… – кажува Јованоски за неверојатни ситуации, гледани од денешен агол.

Маслото било едно од највредните. Се барало секој ден, се чекало со нетрпение да дојде камионот да растовари. Штом дојде, се крева кој колку стигне. Или кој колку има пари. Некој шише-две, друг пет, трет и цел картон ,,дијамант,, и ,,кристал,,.

-Една зеде цел картон за себе и за од ќерка и семејството. Метеж честопати со по двајца вработени во смена. Муштериите сами го знаеја редот, живее во блиските згради и куќите – ги враќа ворасниот продавач спомените.

Немало многу нереди за кафе. Немало и паста за заби. Кој како ќе начека, ќе земе. Некому под рака му се давало, оти  немало за секого. Имало привилегирани, повидни луѓе, роднини и пријатели.

-Предност беа од Банка, од Социјално, доктори, директори… Се лутеа останатите. Владееше немаштија. Кога  немаше шеќер граѓаните одеа од една до друга продавница. Цел град го вртеа. И нема – нема. Ако нема леб, се снаоѓаа со брашнооти го имаше доволно. Па месеа дома во краен случај – вели Јованоски.  

Посакувана професија била продавач во социјализмот, ценета безмалку како доктор или директор. Социјалистичко време било златно за продавачите, трговците. Богатство било да се има продавач за пријател. Тие биле видни личности.

-Ценети бевме, оти немаше доволно намирници. Се сметавме важни во општеството, опкружени со доктори, директори, професори… – со задоволство се потсетува Јованоски.

Поради инфлацијата, цените растеле вртоглаво. Тешко на купувачите. Домашниот есап никогаш не излегувал в продавница. Сé поскапувало. Нужно било да се носат резервни пари в џеб. Проблем – да се најде производот, проблем – за пари, оти сé поскапувало дури двапати дневно. Продавачите, снаодливи луѓе, наоѓале свое чаре.

-Двапати дневно се зголемуваа цените. Некаде криеа в магацин, како да е продадена стоката по претходната цена. Потоа истата ја продаваа по повисока цена. Разликата ја пикаа в џеб. Имаше инспекции. Плашливите ја покажуваа целата стока в магацин. Храбрите ја криеа. Што не се правеше и со записниците. Ги правеа денес, а ги предаваа по 15 дена. Ја земаа разликата во цените – вели Јованоски, не криејќи ги продавачките марифети.

Samoposluga

Во продавниците се среќавале граѓаните. Некои се задржувале подолго, не почитувајќи го бон-тонот. Особено љубителите на добрата капка. Такви муштерии имал и Јованоски. Гледал да ги услужи побргу и да ги испрати. Поединци биле упорни и тешко заминувале. Сепак, се расчистувале мирно и без расправии.

-Се прибираа до пампурчето во зима. Не беше лесно. Ако не не ги бркаме, честеа и плаќаа. Земаа мали шишенца од ракија, од мастика помали и малку поголеми, коњачиња и вињачиња… Се збираа И соседите. Се муабетеше за работата, за тутунот, за фудбалот. Сé, освен за политика. Никого не го интересираше политиката. Сега сите станаа политичари – кажува Јованоски.

Трговијата продолжува Имало и ќе има продавачи. Има разлики.

-Има сега продавничиња на секои 150 метри. Конкуренција. Некои отвораат, а други затвораат. Кој како ќе се прилагоди. Поснабдени се сега продавниците. Нема што нема. На високо ниво е хигиената и чистотата. Разлика има и во работата во недела. Добро е за муштериите, ама лошо за продавачите. Нема слободен ден – заврши Владо Јованоски.

Масло на вага

-Затекнав масло  да се продава мерено на вага. Се тураше в шише од едно буре, кој колку бара, колку има пари, се мереше толкава количина. Фидето беше рефус. Макароните исто. Се црпеа со лопатка – фунија и се мереше грамажата според барањето. Кај Стоковната, имаше бакалниче за муштерии од селата. Во сабота се правеа мешаници – кажува Јованоски.

Муштерии – крадци

-Имаше крадци. Фаќавме во кражба деца-ученици. Ќе му се земе украденото, ќе се тргне за уво малку и му велиш: Уште еднаш немој да си го направил истото! Не ги кажувавме на учителите. И возрасни крадеа. Крадеше жена на сметководител, иако од добростоечко семејство. Не беше сиромашна. Имаше,,краста,, за крадење. Ја забележавме. Друг имаше трик со паста за заби. Тубата ја вадеше и ставеше в џеб, а кутијата ја враќаше празна. Го фатиме и не дојде повеќе – кажува Јованоски како се спарувале со крадците.

Loading