300 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОДИ НА НАЈГОЛЕМИТЕ

Ланските биланси на компаниите

Instalacija na ogromni rezervoari za lezenje na pivoto - Prilepska pivarnica

 

Во Прилеп се регистрирани 25 фирми кои лани направиле приход поголем од 2 милиони евра. Осум од нив, безмалку една третина, се компании со приходи поголеми од 10 милиони евра. Клучни генератори на прилепската економија се домашно поседуваните гиганти Витаминка и Прилепска пиварница заедно со странските компании Гентерм, Мермерниот комбинат и Комфи Ангел. Покрај бурната транзиција градот останува со силна индустрија. Лани од 25 најголеми фирми, дури 24 ја завршиле годината со профит.

Дваесет ипетте најголеми прилепски компании лани направиле приход над 300 милиони евра. Најголемите 8 имаат приход од 225 милиони евра. Најголема прилепска фирма е странската гринфилд инвестиција Гентерм која лани остварила приход од 56,2 милиони евра и има добивка од 2,5 милиони евра. Компанијата се занимава со снабдување на големите автомобилски корпорации со електрична и електронска опрема за вградување во возилата. Втора компанија според приходите и убедливо најуспешна според профитот лани е Мермерниот комбинат. Таму лани се остварил приход од 40 милиони евра и профит од 22,8 милиони евра. Следуваат двете најуспешни домашно поседувани компании кои се гордост на Прилеп. Тоа се Витаминка и Прилепската Пиварница. Производителот на прочуениот Стоби Флипс, Витаминка лани оствари приходи од 37,3 милиони евра и добивка од 470.000 евра. Најголемата домашно поседувана пиварница лани оствари приход од 30 милиони евра и добивка од 1,75 милиони евра.

Ljubopitnost za eksploatacijata na mermerot vo rudnikot Sivec

Во големата петорка е и најголемата македонска текстилна компанија Комфи Ангел во која сопственици се четири странски и еден македонски државјанин. Компанијата лани пласирала производи за 24,9 милиони евра и остварила профит од 1,1 милиони евра. Следен на листата е државниот Тутунски комбинат со приход од 14,9 милиони евра и загуба од 3,1 милиони евра. Компанијата годинава работи со добивка.

Во големите се ,,смеша,, локалната прилепска компанија за трговија на големо сопственост на Душан Качкиноски и Тони Тарунџиоски, Футура. Оваа фирма има приход поголем од 11 милиони евра, а добивката лани била 104.000 евра. Меѓу големите со над 10 милиони евра приходи е СЕКЕ, кооперација на тутунопроизводители од Грција, која лани имаше приход од 10,7 милиони и годината ја завршила со позитивна нула поточно со добивка од 8.700 евра. Следна на листата е семејната фирма на Самакоски, Микросам, која се занимава со висока технологија и произведува специфична електрична опрема. Компанијата повеќе години е прилепски ,,хај-тек,,. Лани остварила 8,9 милиони евра приход и добивка од 89.000 евра. Трговската компанија Викторија тобако чија дејност е посредување во трговија со храна, тутун и пијалоци, сопственост на Марјан Тодороски, лани направила приход од 8 милиони евра и добивка од 235.000 евра. Грчката фабрика за производство на чорапи ,Арини фешн лани пласирала производи за 6,7 милиони евра и остварила добивка од 116.000 евра. Следна е конзервната индустрија Бим фуд, сопственост на Марко Биќанин и Џакомини, која остварила приход од 5,5 милиони евра и успеала да заврши со профит од 371.000 евра.

Pozitivni komentari za asortimanot na Vitaminka

Соропромет е компанија за трговија на мало. Лани имала приход од 5 милиони евра и завршила со профит од 37.000 евра. Тоа е семејна фирма на Миле и Методија Талески. Прилепската компанија за трговија на мало со горива БМ ОИЛ сопственост на Звонко Црвенкоски лани остварила приход од 4,9 милиони евра и добивка од 71.000 евра. Следна е текстилната фирма Инако МАК со приход од 4,2 милиони евра и профит од 80.000 евра. Конкурент í е Фешнлинк што се занимава со доработка на текстил лани остварил приход од 3,5 милиони евра и профит од 19.000 евра. Значајна текстилна прилепска компанија специјализирана за производство на долна облека е Тритекс трејд. Нејзиниот промет е 2,65 милиони евра, а профитот е 265.000 евра. Веројатно ова е текстилна производна компанија со најдобра профитна маргина во земјава.

Униројал и Матадор 2002 се двете најголеми прилепски фирми за трговија со резервни делови и прибор за моторни возила и авто гуми. Првата лани остварила приход од 3,6 милиони евра и профит од 210.000 евра, а втората има приход од 3 милиони евра и профит од 51.000 евра.

На листата прилепски компании со приходи од најмалку два милиони евра се Салида, Кривогаштани промет, Ламинати ком, Современ дом, Дониа и Крин КГ.

Loading